Во Македонија: Живот на рати и со мали плати

Во денешницава речиси и да не постои македонско семејство, кое нема некаков кредит во банка. Се почести се задолжувањата на граѓаните кај банките за така народски кажано да го закрпат животот.

Банките бележат најголемо зголемување кај потрошувачките кредити кои граѓаните ги земаат за отплаќање на подолг рок.

Најмногу се задолжуваат домаќинства со месечни примања околу 30.000 денари

Граѓаните со плата од околу 30 илјади денари се најзадолжени кај банките, евидентира НБРМ.

Од централната банка посочуваат дека домаќинствата претставуваат значаен должник на банките и другите финансиски институции, одржувањето на нивната способност за отплата на долгот е од особено значење за севкупната финансиска стабилност.

„Во услови на висока побарувачка за банкарски кредити, главно станбени и за потрошувачка, долгот на домаќинствата и натаму расте. Тоа доведе до извесно влошување на дел од показателите за задолженоста на секторот, при забавен раст на расположливиот доход и на финансиската актива“, стои во Извештајот за финансиска стабилност на Република Македонија.