Во Македонија со мултипла склероза живеат околу 2.500 луѓе - секоја година се регистрираат по 100 нови случаи

Во Македонија со мултипла склероза (МС) живеат околу 2.500 лица, а лани биле регистирани нови над 100 пациенти, бројка што се повторува скоро секоја година.

Според Националното здружение за мултипла склероза, иако медицината бележи напредок во третманот на болеста, лицата со МС и понатаму се соочуваат со бројни предизвици – од доцна дијагностика и ограничен пристап до терапија, до стигматизација во општеството.

Во време кога сè поголем број луѓе се соочуваат со предизвиците што ги носи оваа болест, Здружението денес испрати порака за поддршка, информираност и поголема грижа за пациентите.

„Мултипла склероза не е само медицинска дијагноза, туку состојба што длабоко влијае врз секојдневниот живот на илјадници луѓе и нивните семејства. Токму затоа, неопходна е поголема јавна емпатија, подобра информираност и посилна институционална поддршка за лицата кои живеат со болеста“, посочија од Здружението.

Ана Карајанова-Димитрушева, претседателката на Здружението, кажа дека почна децентрализација на третманот на пациентите со МС. Овој проект, кој претставува долгогодишно нивно барање, се имплементира како пилот-програма во три јавни здравствени установи низ државата: Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Клиничка болница Штип (за покривање на Источна и Североисточна Македонија) и Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид (за Југозападниот Регион).

„Доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот“, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, додавајќи дека со тоа би се елиминирале исцрпувачките патувања и патните трошоци.

Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, кажа дека оваа здравствена установа е во интензивен процес и напори за набавка на нов апарат за магнетна резонанца (МРИ), кој драстично би го скратил времето за поставување дијагноза и евалуација на болеста. Буџетот на Клиниката само за набавка на лекови за МС за 2026 дополнително пораснал и сега изнесува 451 милиони денари.

„Ова зголемување овозможува пристап на поголем број пациенти на третман – од 961 пациент во 2025 година, планот за 2026 опфаќа над 1.020 лица на терапија. Што е уште позначајно, во согласност со светските медицински трендови, близу 600 пациенти се на третман со високоефикасна модифицирачка терапија, со што директно се спречуваат релапси и долгорочен инвалидитет“, додаде тој.

Се проценува дека во светот повеќе од 2,8 милиони лица живеат со мултипла склероза (МС). Болеста предоминантно ги напаѓа младите возрасни лица во најпродуктивните години, и тоа помеѓу 20 и 40 години (две третини), а ретко под 15 и над 60 години (во просек на 28 години). Појавата на МС во детството се проценува на 3-5 отсто од случаите и се смета дека најмалку 2,5 до 5 проценти од сите пациенти со МС првиот напад на болеста го доживуваат пред својот 16-ти роденден. Појавата на МС пред 10-тата година е реткост и се проценува дека се јавува кај 0,2 отсто од децата на оваа возраст.