Има една навика што тивко, но полека и секојдневно на различни нивоа ни го разјадува секојдневието.

Photo by Franco Antonio Giovanella on Unsplash
Тоа е уверувањето дека правилата важат за сите други, освен за нас. Ја гледаме кога некој влегува преку ред со реченицата „само да прашам или само да го оставам ова“, кога некој се турка пред луѓе што чекаат и се однесува како нивното време да вреди помалку од неговото, кога вика по вработен на шалтер, продавачка, келнер, рецепционер или административен службеник како да пред себе нема човек, туку лична пречка што мора веднаш да му ја реши фрустрацијата.
Проблемот не е само во некултурата, туку во длабокото уверување што стои зад неа: дека секој од нас има некакво право на некаков посебно третман што самиот си го доделил. Многумина мислат дека нивната брзина, стрес, нивната нервоза или потреба се поважни од туѓите. Дека ако ние сме во брзање, тогаш редот не важи. Ако ние сме незадоволни, тогаш некој мора да го истрпи тоа. Ако нешто не ни се допаѓа, тогаш имаме право да бидеме груби.
Но општеството не се распаѓа само од големи политички проблеми и институционални неуспеси. Се распаѓа и од секојдневното убедување дека личниот интерес е поважен од заедничкиот ред. И од идејата дека снаодливоста е повредна од почитта. Дека „да се снајдеш“ е доблест, дури и кога значи да газиш преку туѓото време, труд или достоинство.
Особено загрижува тоа што ова однесување често најсилно се истура врз луѓето што имаат најмалку моќ да возвратат: вработени на шалтери, касиери, медицински сестри, келнери, продавачи, административци, корисничка поддршка. Луѓе што често не ги поставиле правилата, не ги контролираат системите и не се виновни за нашето чекање — но стануваат најлесната мета затоа што се таму, пред нас, и мораат да останат професионални.
Некако како колективно да сме прифатиле дека љубезноста е опционална, а трпението знак на слабост. Дека оној што чека мирно е наивен, а оној што оттурнува, притиска и се кара е „снаодлив“. И потоа се чудиме зошто живееме во општество полно со тензија, недоверба и агресија во секојдневните најобични интеракции.
Вистинската култура не се гледа во тоа колку знаеме да бидеме љубезни со важни луѓе. Се гледа во тоа како се однесуваме кога никој ништо не ни должи. Како чекаме во ред. Како разговараме со луѓе што ни даваат услуга. Како реагираме кога нешто не оди по наша желба. Токму таму се гледа дали навистина имаме граѓанска свест — или само мислиме дека имаме.
Не секоја неправда е голема. Но секојдневното убедување дека ние сме исклучок од правилото создава култура во која никој не верува во ред, фер однос или меѓусебна почит. А без тоа, нема здраво општество — само збир од луѓе што постојано се туркаат едни преку други, уверени дека токму нивната потреба е најитна.
Можеби промената не почнува со големи зборови за системот.
Можеби почнува кога ќе прифатиме една едноставна вистина:
Никој од нас не е поважен од редот што го очекуваме и за себе.