Жителите на македонските градови дишат најзагаден воздух во Европа. Ова особено се однесува на Скопје, Битола и Тетово кои во текот на 2017 година биле меѓу десетте најзагадени градови на Стариот континент.
Ова е потврдено во најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за аерозагадувањето во Европа кој е објавен пред една недела и во кој детално се прикажани податоци за сите држави, вклучително и за Македонија која во однос на концентрациите на штетните по здравјето ПМ10 и ПМ2,5 честички, се наоѓа на неславното прво место.
Извештајот кажува дека аерозагадувањето секоја година го зема данокот во човечки животи. Како последица од дишењето на загаден воздух во Европа годишно прерано умираат околу 400.000 луѓе, во Македонија тој број е 3.000 што е голем процент споредено со вкупната популација во земјава од 2.070.000 жители. И по овој податок сме први во Европа. За споредба, во Германија која брои 81.200.000 жители годишно умираат 62.300 луѓе од последиците на загадениот воздух.
– Срцевите заболувања и мозочниот удар се најчестите причини за предвремена смрт, што се должи на загадувањето на воздухот, проследено со белодробни заболувања и рак на белите дробови. Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицира загадувањето на воздухот воопшто, како и ПМ честичките како посебна компонента на мешавините за загадување на воздухот, како канцерогени – се вели во извештајот.
Повикувајќи се на Светската здравствена организација, во извештајот на ЕЕА наведуваат дека краткорочното и долгорочното изложување на деца и возрасни лица на загадување на воздухот може да доведе до намалување на функцијата на белите дробови, респираторни инфекции и влошена астма.
– Изложеноста на мајката кон загадувањето на амбиентниот воздух е поврзана со негативни влијанија врз плодноста, бременоста, новородените и децата. Исто така, постојат докази дека изложеноста на загадување на воздухот е поврзана со дијабетес тип 2 кај новороденче, но и кај возрасни и може да биде поврзана со дебелината, системско воспаление, стареењето, Алцхајмеровата болест и деменција – нагласуваат во извештајот.
Оттаму потенцираат дека во Македонија во периодот 2015-2016 година просечните концентрации на ПМ2,5 честичките измерени од страна на мерните станици изнесувале 52 микрограми на кубен метар што е двојно повеќе од дозволените 25 мг/м3. За споредба, на Косово изнесувале 33 мг/м3, во Албанија 25мг/м3, Србија 23мг/м3, а во Хрватска 21мг/м3.
Извештајот на ЕЕА покажува дека аерозагдувањето од година в година се зголемува, состојбата се влошува и станува алармантна. Ова го детектираше и Министерството за животна средина на РМ во Програмата за намалување на аерозагадувањето.
– Одредени анализи и моделирања на емисиите на загадувачки супстанци за секторот греење на домаќинствата во Скопската котлина, упатуваат дека загадувањето ќе се зголеми за 30 насто до 2025 година доколку не се преземат итни мерки за намалување на емисиите. Овие бројки ќе бидат уште повисоки доколку се додадат емисиите и од другите сектори, како на пример транспортот чиј удел во загадувањето набрзо се зголемува на годишно ниво – се вели во Програмата.
Во неа се пропишани мерки кои јавноста минатата недела ги слушна од устата на заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и доколку се применат, за две години ќе го прочистат воздухот за 50 проценти. Останува да се види дали со мерките, државата навистина се фатила во костец со “убиецот на денешницата”.