
Европа е континент со највисока стапка на пушење во светот, каде што просечно 25,9 отсто од возрасното население над 15 години користи тутунски производи, покажуваат податоците на платформата „Брилијант мапс“ (Brilliant Maps), врз основа на глобалниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за трендовите во употребата на тутун и никотин од 2000 до 2022 година, со проекции до 2030 година.
Од друга страна, земјите од Балканот се меѓу државите во Европа со највисоки стапки на пушење. Најголем број активни пушачи е регистриран во Бугарија и во Србија, каде што 39,5 отсто од возрасното население користи тутун, а веднаш зад нив се и Хрватска со 37 отсто, Грција со 32,8 проценти.
Во Македонија, податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден против употребата на тутун минатата година покажуваат дека 45,4 отсто од населението се активни пушачи, што е значително над просекот на Европската Унија и ја става земјата меѓу државите со највисоки стапки на пушење во светот.

Податоците на Евростат покажуваат дека во 2025 година, 16,5% од луѓето на 16 години или постари во ЕУ користеле тутун и сродни производи (електронски цигари, никотински кесички или загреани тутунски производи) дневно, што укажува на мало намалување од 17,5% регистрирани во 2022 година. Додека ЕУ бележи општ пад на употребата на тутун (од 17,5% на 16,5%), повеќето земји од регионот (Турција, Србија, Хрватска, Бугарија) бележат забележителен раст. Македонија се наоѓа во истото балканско опкружување каде консумацијата останува висока.
Во Македонија, според последните достапни податоци, во 2022 година 22,5 проценти од луѓето на 16 години или постари користеле тутун и сродни производи дневно. Надлежните институции во државата во континутет се обидуваат да се справат и да помогнат во намалување на бројот на пушачи, особено на млади. Една од последните тавки реформи беше и телефонската линија за советување и поддршка при откажување од пушењето при Институтот за јавно здравје, која функционира од крајот на минатата година.
Досегашните податоци покажале дека околу 10 отсто од луѓето кои се јавиле успеале да се откажат од пушењето, откриваат од ИЈЗ за Скопје Инфо.
Според ИЈЗ, најчесто помош барале лица на возраст од 40 до 50 години и луѓе со долг пушачки стаж, додека бројот на помлади пушачи кои се јавуваат бил помал.
Оттаму наведоа и дека линијата не е наменета само за оние кои пушат класични цигари, туку дека поддршка се обезбедува и за лица кои користат електронски цигари, вејп производи, никотински кесички и други тутунски производи. Сепак, бројките и секојдневните сведоштва од граѓаните говорат за зголемена склоност кај младите кон пушење цигари или друг вид на никотински производи производи. Имајќи го ова в предвид, прашањето кое многумина си го поставуваат е како реагираат повозрасните, односно родителите на оваа појава?
Скопје Инфо преку социјалните мрежи постави две прашања до своите читатели.
Првото прашање гласеше „Зависни ли се од цигари младите во Македонија?“
Од одговорите кои што беа споделени во коментарите, граѓани велат дека освен на цигари, младите биле зависни и на други никотински производи, а меѓу другото и на „трева“.
Како најчеста причина за пушењето, читателите одговорија дека било пушењето од „мода“ или да се биде „ин“. Сепак, до некаде и зачудувачки, беа бројот на коментари кои велат дека всушност кога ќе се споредат постарите генерации во периодот кога биле основци и средношколци, денешната младина пушела помалку, односно дека порано на млади години се пушело многу повеќе отколку денес.
Второто прашање гласеше: „Како би реагирале ако го фатите детето со цигара?“
Повеќето од одговорите беа дека преку мирен разговор ќе се обидат да му објаснат на своето дете дека всушност тоа не е корисно за здравјето, а некои посочија дека на тоа би додале и некоја „мека“ казна.
Сепак, имаше и такви кои сметаат дека за ваквите ситуации решение би бил и ќотек или „стап“. Исто така, имаше и родители кои што споделија дека на детето би му рекле дека може да пуши цигари, но само доколку само си ги спечали парите со кои ќе купува цигари. И родителите и државата велат дека активно работат кон превенција и информираност на младите за пушењето, но сепак се чини како тоа да не е доволно.
Државата најчесто прибегнува кон решението за отежнување на достапноста преку зголемување на цените на цигарите и преку регулирање на условите во објектите во кои што може да се пуши.
Иронијата е што таквите мерки, пак, ги револтираат возрасните пушачи (од кои некои се и родители). Оттука, легитимно би било да се постави прашањето, дали за да се намали пушењето помеѓу младите, треба прво да се работи со повозрасните активни пушачи, кои што најчесто тешко прифаќаат промени кон отежнување на достапноста на едно од нивните омилени „мали задоволства“?