Во Македонија почнуваат да се користат благодетите на природниот гас

На 55 објекти во земјава лани им е испорачан природен гас, најголем дел се индустриски капацитети, но благодетите на гасот веќе го користат и помали производствени фирми како пекарници, но и училишта, административни објекти и домаќинства.

Податоците од последниот годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2016 година говорат дека во последните години е забележано значително раздвижување на пазарот со природен гас. Поголемата искористеност, пак придонела цените за четири години на гасот да се преполоват. Според регулираната цена природниот гас чини 2,8денари/нм3. Најголем потрошувач на гас во земјава е Те-То АД Скопје на кој отпаѓа 57 проценти од потрошувачката. Од другите компани кои го користат гасот за работа е Балкан енерџи груп која Скопје го снабдува со топлинска енергија, ЕЛЕМ. На гас работат и Клиничкиот центар во Скопје, како и болницата “8 Септември”, Министерството за одбрана, средните училишта “Здравко Цветковски”, “Арсени Јовков”, “Ѓорѓи Димитров” и “Зефљуш Марку”. Останатите се металните компании “Макстил”, “Арчелор Митал”, потоа цементарница УСЈЕ и други.

Во потрошувачката на природниот гас во Република Македонија доминираат комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија и топланите. Нивното учество во крајната потрошувачка на природниот гас изнесува 78%. По нив следат индустриските потрошувачи, каде што доминантна улога има металната индустрија. На крај се дистрибутивните компании со учество во крајната потрошувачка на природен гас од 2%. Благодетите на природниот гас се уште не го чувствуваат жителите на Скопје бидејќи допрва се планира да се гради дистрибутивната мрежа, но податоците говорат дека во Струмица 180, а во Куманово 20 домаќинства го користат природниот гас. Со тоа што дистрибутивниот систем на ЈП Струмица Гас не е поврзан со системот за пренос на природен гас на Република Македонија, а природниот гас се презема од декомпресорска станица во боци.

Нашата земја нема сопствени наоѓалишта на природен гас и поврзана е само со еден главен гасовод. Целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Магистралниот гасовод влегува во Македонија кај Деве Баир на границата со Бугарија и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, во должина од 98,197 км, разводна гасоводна мрежа од магистралниот вод до градовите Крива Паланка, Кратово, Куманово, Технолошко индустриска развојна зона – Скопје (Бунарџик) и градот Скопје со должина од 32 км и градска гасоводна мрежа со должина од 50,93 км (во Крива Паланка, Кратово, Куманово и Скопје).

Преносниот систем се состои од главна мерна станица на влез земјава и од шест главни мерно регулациски станици поставени на влез во градовите Крива Паланка, Кратово, Куманово, две во Скопје и тоа Скопје Север и Скопје Југ и една во Технолошко индустриска развојна зона Скопје, 51 мерно регулациски станици, 3 мерни станици, поставени кај 51 потрошувач на природен гас. Вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас изнесува 800 милиони нм3. Капацитетот може да се зголеми на 1.200 милиони нм3 /годишно со изградба на компресорска станица на првиот дел на магистралниот гасовод. Максималната пропустливост на магистралниот
гасовод изнесува 240.000 нм3. Во Република Македонија изградени се следните системи за дистрибуција на природен гас, и тоа во: технолошко-индустриска развојна зона ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2 кај с. Бунарџик со должина на дистрибутивната мрежа од 5.200 м, Куманово со должина на дистрибутивната мрежа од 11.315 м, и Струмица со должина на изградената дистрибутивна мрежа од 24.450 м.

Пазарот на природен гас во Република Македонија е целосно либерализиран започнувајќи од 01.01.2015 година. Вкупните пренесени количини на природен гас во Република Македонија до потрошувачите на природен гас во текот на 2016 година изнесуваат 213.439.518 нм3. Ова се најголеми количини на природен гас кои што се пренесени преку системот за пренос, и претставува зголемување на пренесените количини на природен гас за 58,5% во однос на 2015 година. Ваквото зголемување на испорачаните количини на природен гас се должи пред се на потрошувачката на ТЕ-ТО.

И покрај историски највисоките испорачани количини на природен гас во 2016 година, сепак искористеноста на капацитетот на системот за пренос на природен гас во однос на номиналниот капацитет за пренос во износ од 800.000.000 нм3 /год. и во 2016 година останува релативно мала и изнесува околу 27%.