Во Македонија најмалку родени деца минатата година

Во 2019 година опаднал наталитетот во Македонија, а родени се помалку од 20.000 деца, што е најмала бројка за период од скоро две децении.

Според податоците на Државниот завод за статистика, лани се родени вкупно 19.986 деца, од кои живородени деца се 19.845, a 141 e мртвородено дете. Бројот на живородените деца во 2019 година, во споредба со една година претходно, е намален за 7 отсто. Според месецот на раѓање, најголем број раѓања, 1.851, е регистрирано во месец јули.

Погодени се повеќето македонски градови, а во руралните општини бројот на родени деца е сосема мал. Паѓа во очи тоа што град како Битола со квартали наназад има повеќе починати отколку родени.

Но, лоша е состојбата и во источниот дел од државата.

„Иселувањето е фактор број еден, а наталитетот е слаб затоа што жените кои се во репродуктивна фаза се заминати во странство. Во текот на годината се случува по неколку деца да се иселат со родителите во странство, да се испишат од училиште“, рече Лилјана Поленовска, социолог од Берово.

Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 33.9 отсто се живородени деца од мајки на возраст од 25 до 29 години.

Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.2 години, а 27.5 години кај првите раѓања.

Генерациската година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1991 година.

Во 2019 година се регистрирани 16 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.

Бројот на вонбрачните живородени деца е 2.454 или 13.4 отсто од вкупниот број на живородените деца се вонбрачни.

Наталитетот опаѓа по 2000 година кога се родени 26.168 деца, а за споредба во 1994 година во Македонија се родени 31.421 дете.

повеќе на https://faktor.mk/