Во Македонија има се повеќе невработени магистри и доктори на науки

Во Македонија има се повеќе невработени со високо образование, магистри и доктори на науки. Според податоците на Агенцијата за вработување, во земјава во моментов има нешто повеќе од 12.130 невработени граѓани со завршено високо образование, 957 магистри и 34 доктори на науки што се без работа, пренесува Алфа. 

Зголемувањето на бројот на магистри е во тесна врска со воведувањето на Болоњскиот систем, кој во Македонија почна да се практикува во 2004. Со него беше овозможено бруцошите да запишат магистратура уште на почетокот на студирањето и за пет години да добијат диплома за завршен втор циклус на студии. Многумина сметаат дека Болоњскиот систем имплицира негативни ефекти во македонскиот образовен систем. Социологот Илија Ацески, од Филозофскиот факултет во Скопје, за Алфа вели дека Болоњскиот систем е една од причините за уривање на квалитетот на студиите.

Зголемувањето на бројот на магистри е во тесна врска со воведувањето на Болоњскиот систем, кој во Македонија почна да се практикува во 2004.

Според Државната статистика, во изминатите 27 години во Македонија дипломирале вкупно 164.234 студенти, магистрирале 14.865, а диплома за доктори на науки добиле 2.811. Тие најмногу се интересирале за општествените науки, а потоа следуваат техничките, медицинските и природно-математичките науки.

Најголемиот пораст се случува во 2011, кога магистрирале 1.097 студенти. Најмногу магистри имало во 2015 – 2.202.

Ако се оди по градови каде има најмногу невработени високо образовани кадри, првата позиција ја има главниот град – 254 магистри и осум доктори на науки. По Скопје е Битола со 92 магистри и четири невработени доктори на науки, потоа Прилеп со 75 магистри, Тетово со 69 магистри и 5 доктори на науки, па Куманово со 58 магистри и 3 доктори на науки.