Во Македонија 650 лица се без лични документи

Во Македонија официјално се регистрирани 650 лица, кои не се евидентирани и кои немаат лични документи, а со тоа ниту можност за остварување на нивите основни граѓански права.

Оваа бројка од 650 лица „фантоми“ е добиена како резултат на заедничката работа на Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење матични книги, МВР, други надлежни институции, ОБСЕ, УНХЦР, невладини организации.

Во април бил упатен повик сите лица кои не се евидентирани да дојдат во подрачните единици на Управата и да пополнат прашалник за причините, поради кои не можеле тоа да го направат. На терен работеле и мобилни тимови кои ги рестирирале лицата без документи, а сега тие се внесени во посебен регистер во Управата за водење матични книги и имаат посебен идетификациски број.

Сепак темната бројка на лицата без документи е од 1.500 до две илјади. Проблемот со кој се соочува Македoнија е немањето правен начин да се реши проблемот на овие лица.

За можните начини тие да добијат документи денеска се одржа дебата во Владата, насловена како „Системски решенија за регистрација на лица без документи и спречување на граѓаните да останат без државјанство“.

-Ова е проблем на фантоми, ги гледаме секој ден, поминуваме на крстосница, ги гледаме тоа се лица без идентитет, немаат граѓански статус, кој се определува со впишување на името, презимето, матичниот број, издавање на извод на родените, извод за венчани, живеалиште, престојувалиште, лична карта, пасош, државјанство и тоа го прави едно лице да биде субјект, граѓанин. За жал кај нас живеат 650 евидентирани лица  без личен идентитет. Но секој пат светлата бројка крие темна бројка, така што има околу 1.500 до 2.000 наши сограѓани кои живеат во земјата и не можат да остварат ниту едно елементарно право, истакна професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски, кој ги презентираше двата можни модела за решавање на проблемот.

Рече дека Македонија е можеби единствена земја која правно не го уредила начинот на решавање на овој проблем.

Презентира два можни правци. Едниот е судот во вонпарнична постапка да ги реши проблемите на овие лица, при што ќе се утврдува ден, месец, година на раѓање, име и презиме. За овој модел, рече, дека споредено со други земји, постапката трае четири до шест години,  потребно е менување на Законот за вонпарнична постапка, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство, бидејќи е системски закон, но исто така и во контактите со претставници на судската власт не забележал желба од нивна страна и оваа работа да им се придодаде.

Вториот модел е преку измена на Законот за матична евиденција и како што појасни Давитковски, таму има одредба за упис по месец дена со утврудвање. Посочи дека Управата веќе ги има евидентирано овие лица, го има прашалникот, има многу податоци и многу полесно би можела да спроведе постапка за утврдување на идентитетот, да донесе решение и врз основа на тоа решение да се впишат во матична книга на родените.

Владата треба да избере еден од овие два модела, а предвидено е овој проблем да се реши во првиот квартал од 2019 година.

Премиерот Зоеран Заев во обраќање на дебатата потсети дека Владата и МТСП како координатор на активностите заедно со Управата за водење на матични книги во април отвори јавен повик до сите лица кои не се евидентирани да дојдат во подрачните единици и да пополнат прашалник за причините.

Како особено важна ја посочи соработката со ромските граѓански здруженија, со кои е изработен посебен електронски регистар за овие лица.

-Концетот едно општество за сите нема да се реализира доколку макар и еден граѓанин во нашата земја остане надвор од она што значи институционална грижа, што особено се однесува на сограѓаните од социјално ранливите категории и групи, а еден од проблемите е што дел од тие наши граѓани не се евидентирани, поради што им се оневозможува граѓанско -правниот идетитет, рече премиерот.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска нагласи дека Владата треба да донесе одлука за патеката по која ќе се оди со цел во првиот квартал од 2019 година овие лица да се впишат, со што ќе се отвори патот тие да ги остварат нивните граѓански права.

Пред учесниците во дебата се обрати и евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој нагласи дека ова се случува во период на исклучително висок технолошки напредок.

-Се случува во време кога можеме сите улици да ги најдеме на Гугл мап, да ја најдеме секоја адреса, а од друга страна имаме ситуација да постојат лица кои не се евидентирани во матичната книга на родените, рече Жбогар.

Тој истакна дека е особено важно претставниците на ромската заедница да бидат вклучени на сите нивоа на овој процес.

Дејан Кладарин претставник на УНХЦР истакна дека бројот на лицата без државјанство не  е висок и тој проблем може да се надмине како резултат на поддршката на УНХЦР.

-Важен аспект е подигање на нивото на свеста за ова прашање. УНХЦР на  4 ноември ја лансираше кампањата „Јас припаѓам“, која е придружена од глобален акциски план, рече тој и напомена дека со добивање државјанство луѓето ги стекнуваат основните човекови права и чувството на припадност на заедницата.

Планирано е во глобални рамки овој проблем да се реши до 2024. – Секое лица на оваа планета има право на државјанство и право да каже јас припаѓа, посочи Кладарин.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која истакна дека во регионот на ОБСЕ е регистрирани случаи на лица без документи.

-Некои луѓе со генерации се без државјанство. Ве повикувам да ставиме крај на овој проблем, кој зафаќа неколку генерации и ние даваме поддршка во насока на неговото решавање, истакна Која на дебатата, што се одржа во Владата.