Во комплетно реновираното и адаптирано училиште во Кучково ќе работи Регионалниот центар за деца кои го победиле ракот

Во старото основно училиште во скопското село Кучково за неколку месеци повторно ќе се слушаат детски џагор и насмевки. Реконструираниот и комплетно реновиран и адаптиран објект и официјално ќе прерасне во Регионален центар за ресоцијализација и рехабилитација на деца кои ја поминале една од најтешките болести – ракот. 

Објектот на училиштето кое е старо повеќе од сто години е веќе реконструиран и комплетно реновиран. Во завршна фаза е поставувањето на фасадата, останува партнерното уредување, а до пролет се очекува да биде опремен и со мебел. Има голема кујна, занимални каде ќе се одвиваат работилници и едукацијата, седум спални соби со комплетно опремени тоалети. Во секој момент во објектот можат да престојуваат по околу четириесетина деца. 

Екипата на МИА ја пречекаа градоначалникот на скопската општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски и претседателката на невладината организација САНО Марија Вук. Го разгледавме објектот и се уверивме дека оваа идеја, која со поддршка на Швајцарската влада, Општина Ѓорче Петров, Министерството за локална самоуправа и Скопскиот плански регион, се реализира според предвиденото.  

Доцна напролет, како што е планирано, овде би можеле да престојуваат првите дечиња кои ќе уживаат во убавините на ова скопско поднебје, ќе се едуцираат и ќе се дружат со своите другарчиња. 

Тргнавме од една многу благородна идеја, од нешто што недостигаше во Република Македонија, па и во регионот генерално бидејќи ваков сличен центар да речам на територија од Атина до Љубљана нема во таква форма. Идејата е да биде центар за ресоцијализација, првенствено, на деца кои што победиле карцином. Понатаму може да вклучуваме и други категории, бидејќи проектот има цел и за задача да овозможи интеграција, ресоцијализација и повторно вклучување во нормалниот тек на животот на овие дечиња. Тука ќе им помогнат нивните другарчиња од училиштата, од други средини со нивните родители. Според динамиката на работа верувам дека некаде во доцна пролет ќе започнеме со работа овде конкретно и дека ќе можеме да ги примиме првите дечиња, вели градоначалникот Стојкоски. 

Завршните работи околу градежните активности во неделите пред крајот на годинава се одвиваа со несмален интензитет. Останува партерното уредување на локалитетот и регулирањето на административно – управниот дел бидејќи, како што посочува тој, сепак вакво искуство досега немало.

Сакаме да се вклучат сите засегнати страни во проектот и Министерство за здравство и труд и социјала, како и општината и невладината, сите да имаме свој дел во управувањето и во спроведувањето на активностите, вели градоначалникот Стојкоски.

Финансиската конструкција за обнова, реновирање и адаптација на целиот објект чинела околу 300 илјади евра, а дополнително се предвидени уште 500 илјади денари за купување мебел. 

Од целата финансиска рамка само дополнително предвидовме 500 илјади денари за доопремување на мебелот бидејќи реално немаше предвидено доволно средства на самиот почеток. Инаку, приближно околу 300 илјади евра е инвестицијата која што е од страна на швајцарската Влада и дополнително имавме и дел од Министерство за локална самоуправа и Општината Ѓорче Петров. И се движиме досега во рамките на таа сума и не излегуваме надвор во делот на градежништвото, во тие елементи, туку во делот на ова што го кажав набавка на опрема и најава дека ќе имаме дел донации во тој дел, така што мислам дека ќе испадне се како што треба. Ние сме спремни како општина и со последниот ребаланс ја додадовме сумата на пари која што недостасуваше со цел да се заврши успешно набавката која ја спроведува Скопскиот плански регион, вели градоначалникот. 

Почетокот на проектот за Регионален центар за рехабилитација на деца кои го победиле канцерот беше одбележан на 4 септември 2023 година, а е поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, се спроведува од Општина Ѓорче Петров и Центар за развој на Скопскиот плански регион.

Тогаш беше објавено дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува 23,574,074 денари, од кои 10,380,998 денари требаше да бидат обезбедени од Министерството за локална самоуправа, додека пак 8,435,000 денари преку швајцарската Влада. 

Целиот текст можете да го прочитате на МИА.