Во Кисела Вода се одржа Франкофонска вечер

Вчера по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата во ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ во Кисела Вода се одржа франкофонска вечер.

Градоначалникот Филип Темелковски, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ, амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Кристијан Тимоние, јазичното аташе за развој на францускиот јазик при Францускиот институт во Скопје, Љупка Димова и директорот на училиштето, Хари Стојановски ја проследија културната манифестација насловена „На француски, ве молам“.

Учениците од повеќе скопски основни училишта пред присутните изведоа прекрасни бројни ритмички и музички точки, интерпретираа познати француски шансони, а читаа и литературни дела на француски јазик.

Терминот „Франкофонија“ првпат е употребен од францускиот географ Onesime Reclus во 1880 година и истиот ги опфаќа сите луѓе и држави што се служат со преубавиот француски јазик кој заради милозвучноста нарекуван е јазик на љубовта. 

Нашата држава на 28 септември, 2006 година, за време на Самитот на Франкофонијата што се одржа во Букурешт, Романија стана полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата. Франкофонијата ги застапува вредностите кои соодвествуваат со европските определби: залагање за мир во светот, човекови права, демократија, поддршка на образованието, науката и истражувањето, млади и спорт, афирмација и заштита на културната и јазичната разновидност и солидарност.