Во Кинотека на Македонија: Недела на современи израелски филмови

Во Кинотека на Македонија од 3 до 7 декември ќе се одржи Недела на современиот израелски филм во рамките на кој ќе бидат прикажани шест остварувања.

Публиката ќе има можност да ги проследи филмовите “Врвки”, извонредна семејна приказна за татко и син, во режија на Јаков Голдвасер (3 декември, 20 ч),

“Нула мотивација”, за млади жени војници во Израел, во режија на Талија Лави (4 декември, 20 ч), “Спасувајќи го Нета”, филм за четири жени со хаотичен живот, во режија на Нир Бергман (5 декември, 20 ч). Следуваат филмовите “Слаткарот”, приказна за аферата меѓу Томас, млад германски пекар и Орен, женет Израелец, во режија на Офир Раул Грејзер (6 декември, 20 ч), “На мапата”, филм кој ја раскажува приказната за европскиот шампион во 1977, Макаби од Тел Авив и документарецот “Сирискиот пациент” – за пренесување ранети Сиријци во Израел (7 декември).

“Ако за некој народ важи предубедувањето дека ја негува меморијата за сопственото постоење, тогаш тоа сигурно е еврејскиот народ. Дури и еден инстант преглед низ најпознатите филмски наслови на автори од еврејско потекло го потврдува тоа”, велат од Кинотека на Македонија.