Во Кинотека на 18. септември започнува „Скопје синема сити“

Во Кинотеката на 18 септември започнува седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Фестивалот ќе биде отворен од уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“, посветен на филмскиот композитор Олафур Арналдс, во режија на Винсент Мун.

– Секое издание на „Скопје синема сити“ го отвора филм за одреден уметник, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Оваа година тоа е Олафур Арналдс, кому му ја испративме наградата на Исланд, велат организаторите на настанот.

Филмот раскажува човечка приказна базирана врз животот на Арналдс. Снимен е на локации во Исланд минатото лето и истражува теми како ритуали, односи и внатрешни пејзажи преку музиката од последниот албум на Олафур „Some kind of peace“.

Вториот филм „Birth of the cool“ е биографија за џез уметникот Мајлс Дејвис, во режија на Стенли Нелсон.

– Оваа година се навршуваат 30 години од смртта на овој уметник чие име е синоним за џез-музиката. Мајлс е човек кој со својата музика и добар вкус неколкупати го менувал текот по којшто се движела музиката и неговите успеси, живописен живот и карактер се тема на овој двочасовен филм, велат од „Скопје синема сити“.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотеката на Северна Македонија, Гете Институтот и фондацијата „Милан Младеновиќ“. Визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот ќе се организира во два блока, од 18 до 19 септември и од 20 до 21 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот, а билетите ќе можат да се набават само на касата на Кинотека.