Во Кина рекорден број на заразени од ковид, СЗО планира да прогласи крај на пандемијата

Во светот, од почетокот на пандемијата па со до сега, од корона вирус се заразиле близу 456 милиони луѓе, а починале 6 милиони.

Кина, каде што пред две години се појави првиот случај на Ковид-19 и која досега успешно се справуваше со болеста применувајќи строги рестриктивни мерки, вчера го забележа досега најголемиот дневен број на заразени  3 393.

Поради големиот скок во бројот на случаи низ целата земја, властите ги затворија училиштата во Шангај и заклучија неколку градови во североисточниот дел на Кина, додека повеќе од десет провинции се борат да ги спречат локалните жаришта. Властите на градот Џилин, со население од речиси четири милиони, спроведоа задолжително тестирање поради пријавените нешто повеќе од 500 случаи на варијантата омикрон.

Границите на Кина остануваат затворени бидејќи властите спроведуваат пристап на нулта толеранција во борбата против епидемијата. 

Инаку, во Светската здравствена организација (СЗО) почнаа да ја разгледуваат одлуката за крај на пандемијата на коронавирусот.

Се разгледува кога би се прогласил крај на пандемијата, односно кога тоа би можело да се случи.

Пандемијата беше прогласена на 11 март 2020 година, а официјалното прогласување на нејзин крај не би било симболично, туку би значело целосно враќање на начинот на живот, актуелен пред пандемијата.