Во Кина нови 508 случаи на корона вирус, во Јапонија почина уште еден патник од бродот „Дајмонд Принцес“

Во Кина во текот на вчерашниот ден има 508 новопотврдени случаи на заразени од коронавирус. Вкупниот број потврдени случаи во континентална Кина изнесува 77.658, објави денеска Националната комисија за здравство на земјата.

Бројот на починати, според најновите податоци, е 2.663 лица.

Во Јапонија, пак, од новиот коронавирус, наречен Ковид-19, почина четвртиот патник од бродот „Дајмонд Принцес“, објави телевизијата НХК, додавајќи дека починатиот имал 80 години.

Јапонскиот министер за здравство Кацунобу Като, сепак, изјави дека се уште е рано да се зборува за откажување на летните олимписки игри во Токио, кои почнуваат на 24 јули.

Јужна Кореја пријави 60 нови случаи на коронавирус, со што е зголемен вкупниот број на заразени лица во земјата на 893, соопшти Корејскиот центар за контрола и превенција на болести.