Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец одбележан Денот на Првата пешадиска бригада

Најголемата единица во армискиот состав - Првата пешадиска бригада (1.пбр) од состав на Командата за операции, со воена свеченост пред строеви од сите единици од нејзиниот состав и поканети гости, го одбележа Денот на единицата.

На воената свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, по обраќањата од страна на командантите на командата за операции и на 1.пбр, следуваше прогласување на најдобра единица од составот на бригадата, доделување на стимулативни мерки, признанија и награди, свечено дефиле на единиците и тактичко-технички збор на вооружувањето и опремата со кои располага бригадата.

Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, во своето обраќање рече дека денес кога се соочуваме со суштинско одржување на глобалната безбедност како сенка на континуираната миграциска криза, мора да се почитува сувереноста и територијалниот интегритет на секоја самостојна држава, а секоја друга опција е за осуда и во спротивност со меѓународните правила и прописи.

- Затоа во овие бурни и предизвикувачки времиња единството и солидарноста во НАТО се клучни и оттука наш клучен приоритет мора да ни биде одржувањето на нашата борбена готовност, како дел од најголемиот сојуз во светот да придонесуваме за зачувување на мирот и безбедноста во светот, нагласил тој, соопштија од МО.

Генералот Емини, кој е и поранешен командант на бригадата, честитајќи им го Денот на единицата на сите припадници, им порачал посветено, професионално и ефикасно да продолжат со понатамошна изградба на единицата во цврст колектив што ќе може да се соочи со сите предизвици кои ги носи новото време.

Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, во својот говор пред присутните истакнал дека во годината кога одбележуваме 31 година од формирањето на Армијата и три години од полноправното членство во НАТО алијансата, со гордост констатираме дека Првата пешадиска бригада продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата, секогаш подготвена да застане на браникот на татковината во одбрана на националните интереси, територијалниот интегритет и суверенитет.

- Бригадата која е примарниот капацитет кога станува збор за исполнување на обврските произлезени од членството во НАТО, минатата година за време на вежбата „Блесок 22“, со успех го заврши НАТО оценувањето на борбената готовност на Лесниот пешадиски баталјон, со што и формално ја исполнивме првата НАТО цел на способност. Веднаш потоа започнавме и продолжуваме со градење на потребните капацитети и способности за Лесната пешадиска баталјонска група, која е наша следна обврска и наш наголем приоритет, истакнал Лафчиски.

На свеченоста присуствувале и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, посебниот советник за безбедност од кабинетот на претседателот, Блерим Кољали, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, воени раководители од Генералштабот и Министерството за одбрана, претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.

Покрај доделените признанија и стимулативни мерки на припадници од единиците за постигнатите резултати, се доделиле и признанија за најдобрите натпреварувачи на натпреварите во воени вештини, односно пешадиски игри кои се реализираат за првпат во бригадата, додека за најдобра единица од составот на бригадата беше прогласена единицата за АБХО.

Првата пешадиска бригада е главна борбена сила на Армијата на Република Северна Македонија која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и дава поддршка на цивилното население при природни катастрофи, епидемии и други непогоди, а надвор од територијата на Републиката со декларираните единици учествува во операции за поддршка на мирот, со што ги исполнува меѓународните воени обврски. Припадници на бригадата се и главни носители на обезбедувањето на дел од јужната и северната граница, од самиот почеток на мигрантската криза.

Во составот на оваа бригада се наоѓаат припадници од повеќе родови и служби, а истата е препознатлива по стекнатото борбено искуство и учеството во мировните операции, големиот број на вежбовни активности, високите резултати од НАТО оценувањата на декларираните единици од нејзиниот состав, справувањето со предизвиците од миграциската криза и асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од „Ковид 19“, но и несебичната помош која припадниците на оваа единица ја даваат на граѓаните на Република Северна Македонија, секогаш кога за тоа се укажала потреба.

Со одлука на врховниот командант за определување на денови на единиците на Армијата, за Ден на 1.пбр е одреден 2 април, како датум на кој оваа единица е трансформирана и ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во Армијата.