Во Илинден спроведена крводарителска акција - 63 крводарители дарувале крв

Во рамките на одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ и Денот на општина Илинден „Илинден 2-ри Август“ во Домот на култура „Илинден“ се реализираше традиционалната крводарителска акција во која досега рекордни 63  крводарители ја даруваа драгоцената течност што значи живот.

Ова е досега најуспешна крводарителска акција во општина Илинден, а нејзиното значење е уште поголемо затоа што таа се одржува во летниот период кога поголемиот дел од граѓаните се на годишни одмори.

Крвта е незаменлив лек, а секоја дадена капка од оваа драгоцена течност некому многу значи. Затоа, од Црвениот крст на Република Македонија, во чија организација се реализираше акцијата, велат дека и во оваа по бројот на дарителите и собраните крвни единици рекордна крводарителска акција, жителите на општина Илинден ја покажаа хуманоста и солидарноста на дело, преку дарувањето на крв да спасат нечиј живот.

Она што особено радува, велат од Цевениот крст, е податокот што голем дел од крводарителите во оваа празнична крводарителска акција за прв пат ја даруваа драгоцената течност.