
Денес, 25 години по трагичните настани кај Љуботенски Бачила, повторно се поклонивме пред македонските бранители кои во 2001 година ги положија своите животи бранејќи ги државата, мирот, достоинството и слободата, истакна денеска градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Тој посочи дека денеска со гордост и вечна благодарност биле изговарани нивните имиња: Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Димовски, Томислав Настевски, Ацо Ангеловски, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Маријанчо Бошковски.
„Десетти август не е само датум. Тој е спомен. Тој е завет. Слободата има цена. Мирот има цена. Државата има цена. Највисоката ја платија македонските бранители. Како Општина, достоинствено ќе го чуваме споменот на нашите херои и ќе продолжиме да бидеме поддршка за нивните семејства“, нагласи Стојкоски.

Воедно, порача дека нивните имиња нема да останат само на спомениците, туку дека ќе се изговараат во домовите, ќе се споменуваат во училиштата и ќе им се пренесуваат на идните поколенија.
„25 години подоцна, пораката е јасна: НЕ ЗАБОРАВАМЕ! Вечна им слава! Вечна благодарност за нивната жртва!“, вели градоначалникот.