Во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров се одржа седмото издание и официјално доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија, Анте Поповски.
На конкурсот и доделување на наградата „Антево слово“, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија и Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар. Македонка Божиновска годинава ја доби првата награда. Втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, а наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е за Васја Мицковски.
На настанот во спомен-собата која го носи неговото име во Центарот за култура присуствуваше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој истакна дека ја има честа да се обрати на настан посветен на македонскиот поет и есеист Анте Поповски низ чија поезија, како што рече, провејува судбината на македонскиот народ низ вековите, но и неговата сегашност и иднина.
- Горд сум што Општина Ѓорче Петров е домаќин на ваков настан од меѓународен карактер преку кој покажуваме дека се грижиме за одржување на културата на завидно ниво, но и афирмација на македонската поезија. Како локална единица, непрекинато работиме на развој на културните вредности, особено на македонската култура, традиција и етнос, истакна Стојкоски.
Посебно ми беше драго, додаде Стојкоски, што токму денес со нас беше и Геро Ла Векија, организаторот на манифестацијата „Анџело Ла Векија“ кој дојде од Италија.
- Голема благодарност и до Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ затоа што наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија-Италија. Воедно, и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава – подвлече градоначалникот на општина Ѓорче Петров.