Во Гази Баба: Јавен повик за надомест за промена на покриви на згради и купување печки на пелети

 Општина Гази Баба во тек е  јавен повик на кој заинтересираните заедници во станбените згради можат да конкурираат за добивање средства за реконструкција на кровот.

Сакајќи да се заменат азбестните кровови, а воедно и да се оствари еден од условите потребни за изведба на енергетски ефикасни фасади на зградите, општината обезбеди средства од буџетот во висина од 5.500.000 денари и се доделуваат до нивно целосно искористување. Финансиските средства ќе се користат за целосен надомест, во износ од 100% од вредноста на изведбата, но не повеќе од 800.000 денари.

Јавниот повик за финансиска поддршка за реконструкција на кровови на станбени згради, е во тек и ќе трае надоцна до 31.12.2018 година.

Право на учество имаат граѓаните од станбените згради во општина Гази Баба, за кои согласно деталниот план не е овозможено проширување или доградба на зградата.

Од општината информираат дека по завршувањето на јавниот повик, претседателот на посебно формирана комисија свикува седница на која ќе се разгледуваат пристигнатите барања и по кои ќе се одлучуваат. При разгледување на барањата предвид се зема староста на зградата, како и моменталната состојба и оштетеност на кровот.  Граѓаните при поднесување на барањето треба да ја имаат следната документација:

Одлука за реконструкција на кров потпишана од мнозинство сопственици на зградата, извод од план, тековна состојба на заедницата на сопственици и копија од жиро сметка и изјава заверена на нотар од подносителот на барањето дека нема добиено финансиски средства за реконструкција на кров, лифт или фасада од било кој друг извор во Република Македонија.

Граѓаните своите барања со потребната документација, можат да ги поднесат преку пошта или лично во архивата на Општина Гази Баба.

Во Општина Гази Баба се уште трае и јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за купување печки на пелети.

Општина Гази Баба, со цел да ги стимулира своите жители за примена на почисто гориво и квалитетни печки за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот, на жителите кои ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик заклучно со 01.11.2018 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на печка на пелети во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.

Јавниот повик кој започна на 01.09.2018 ќе трае заклучно со 01.11.2018 година или до исцрпување на преостанатите финансиски средства (2.781.623,00 денари) од Буџетот на Општина Гази Баба за оваа намена. Јавниот повик ќе се реализира по принципот "прв дојден прв услужен".