Во ЕУ разбојништвата намалени за 24 отсто, во Македонија едвај за 19 отсто

Повеќето европски истражувања покажуваат дека бројот на разбојништва низ годините опаѓа. Анализа на Евростат покажува пад на разбојништвата во земјите на Европската Унија во периодот од 2011 до 2017 година.

Според спроведените истражувања на Евростат, полициските анализи забележуваат пад на разбојништвата во ЕУ за 24 проценти. Во овој период се бележи намалување на разбојништвата – од 522 илјади тие паднале на 396 илјади. Наспроти ова, пак, забележано е зголемување од четири проценти на вкупниот број разбојништва во периодот од 2008 и 2011 година.

Според статистиката на Евростат, во 2017 година најголем број од овие кривични дела на 100.000 жители се забележани во Белгија, Франција, Шпанија, Англија и Велс (Велика Британија), како и во Португалија. На врвот на оваа листа е претставена Белгија, со 167 разбојништва. Исто така, истражувањето на Евростат покажува дека најниска стапка на разбојништва има во Романија, Естонија, Чешка, Кипар, Словенија, Словачка и други. Најнискиот степен на разбојништва е во Унгарија, со само девет разбојништва на 100.000 жители.

Состојбите во Македонија се малку поинакви. Гледано од аспект на стапката на кривичните дела разбојништва, во периодот меѓу 2011 и 2017 година има намалување од 18,7 проценти, поточно од вкупно 513 паднале на 417 разбојништва. Според податоците од нашето министерство за внатрешни работи, стапката на 100.000 жители за 2011 година изнесува 23, додека за 2017 година 20 разбојништва. Доколку се направи споредба со европските држави во однос на разбојништва по стапка на 100.000 жители, податоците на МВР покажуваат дека Македонија е многу поназад.

Исто така интересен податок претставува стапката за вкупниот број на кривичните дела тешки кражби, во периодот од 2011 до 2013 и од 2014 до 2017 година. Според бројките, може да се забележи дека по 2013 година иматенденција на намалување на овие кривични дела.

Поновите податоци што се изложени во годишниот извештај за 2018 година од страна на МВР покажуваат дека за 2018 година се извршени 10.788 тешки кражби, што исто така претставува намалување од четири проценти во однос на 2017 година.
Според најновите информациите од МВР, во периодот јануари – септември 2019 година исто така има пад на криминалитетот во однос на претходните години за тешки кражби и за разбојништва.

Од МВР тврдат дека преземаат не само репресивни мерки туку и превентивни, за да ги заштитат граѓаните односно да ги превенираат ваквите кривични дела.

– МВР во рамките на своите надлежности презема мерки и активности во насока на превенција и на едукација на граѓаните за кривичните дела. Инаку, по однос на превентивните активности, во сите сектори за внатрешни работи егзистираат одделенија за превенција што работат во согласност со сопствени планови и проекти кај сите видови имотни деликти. Тие, исто така, а во тесна соработка со локалните совети за превенција, во рамките на редовните средби и комуникација со претставници на локалните власти и граѓаните во локалните средини, подготвуваат заеднички проекти за запознавање, информирање и едукација на граѓаните околу сите аспекти важни за заштита на нивниот имот и материјални добра, особено во периодите на летните и зимските одмори и празници – наведуваат МВР. (Извор-Нова Македонија)