Во денешната архитектура демнат огромни ризици од пожари

Денешната архитектура со современите конструкции, со своите гигантски размери, употребата на нови градежни материјали во градежништвото, примената на нови технолошки процеси во индустријата, постојаното зголемување на потрошувачка на електрична енергија и природниот гас и  користењето на секоја педа во градовите за изградба  предизвикуваат и понатаму ризици од пожари. Затоа е потребно доследно применување на сите мерки и искуствени препораки при просторното и урбанистичкото планирање. Ако денес се прошетаме низ поедини населби на нашето Скопје ќе наидеме на фрапантни слики кои упатуваат на една голема негрижа за опасностите кои се надвиснати на главниот град во државава од несоодветно планирање и проектирање. Наидуваме на изградени објекти без минимално растојание меѓу себе – таканаречена домино архитектура.

Се запали ли една зграда  брзо може да се запалат и соседните. Цели блокови и згради се без можен пристап на противпожарни возила, противпожарни скали и друга противпожарна опрема, како и непостоење на надворешна противпожарна хидрантска мрежа. 

Во ваквите современи  услови, борбата против пожарите и покрај тоа што е сè  покомплицирана и интердисциплинарна, стручните лица кои треба да ги решаваат прашањата од противпожарна заштита се обврзани  првенствено планирањето и проектирањето на противпожарна заштита да го прават во две фази. Првата фаза се однесува на урбанистичките мерки, а втората на планските мерки со анализа на состојбите и опасностите од пожар, превентивните  и оперативно-тактичките мерки.  Првата фаза во планирањето е примарна  и со неа се диференцирани следните насоки и урбанистички мерки: 

- категоризација на градовите и населбите според нивната големина, важноста и посебните услови на земјиштето, климата, водоснабдувањето и индустријата, заради конкретизација на основните мерки за заштита;

- доследно спроведување зонирање на градските површини и сепарирање на индустријата од станбените блокови со тампонски зелени површини;

- одредување на граници на густината на населеноста на жителите и густината на изграденоста, според категоријата на градските зони;

- децентрализација на градот односно населбата со интерполирање на рекреативни зелени површини и предвидување на широки и брзи противпожарни комуникации;

- форсирање на сателитски населби за дисперзија на жителите;

-  безбедно снабдување со вода, електрична енергија, природен гас и сл. и тоа по принципот на самостојно снабдување од градската мрежа;

- правилно трасирање на железничките пруги од аспект на опасностите од пожар на шумите и посевите;

- предвидување на противпожарни препреки формирани како ликовни естетски елементи во урбанистичките композиции;

Мерките за заштита од пожари со урбанистичките планови можат да се третираат и применуваат како дел од комплексот на критериумите на функционалниот, технолошкиот, економскиот и естетскиот карактер, а не само како голи мерки. Така на пример ако доследно се почитува минималното потребно растојание помеѓу соседните објекти во градот Скопје, покрај заштита од пожари ќе имаме далеку подобра вентилација и циркулација на воздухот, со што ќе се даде голем придонес во борбата за почист воздух.

Затоа мерките и условите за заштита од пожари секогаш треба да се вклопуваат во техничките, функционалните, естетските, и другите начела во планирањето на населбите и градовите. Ова треба да се однесува на работната и на станбената зона, заштитното зеленило поврзаноста на комуналното опслужување и слично.Тоа значи дека принципиелни препреки за усогласување ќе нема, но потребно е многу да се работи  за остварување на конкретните урбанистички решенија.

Ваквите пристапи при урбанистичкото планирање ќе значи, повисок – похуман степен и безбеден  развиток на нашите населби и градови. (Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх за Порта3)