Во дел од Драчево не функционира канализацискиот систем

Жителите на улицата „Киро Фетак 2“ во Драчево, повеќе од една година чекаат Општина Кисела Вода да одговори на нивното барање и да го реши проблемот со оштетената канализациска мрежа.

Тие уште во јуни 2018 година доставиле петиција до Општината, со која бараат итно да се изврши санација на мрежата на улицата, а потоа да се изврши и технички прием од „Водовод и канализација“, пишува Слободен Печат. 

Во петицијата потпишана од 40 семејства што живеат на оваа и на споредните улици, се наведува дека поради огромна дупка на улицата е оштетена, односно нагмечена главната одводна линија, со што е намалена пропусната моќ.

При затнување, што често се случува, отпадната фекална вода се враќа во споредните улички, ги преполнува шахтите и водата се излева во дворовите и подрумите на куќите, особено на улиците најблиску до местото на затнување, што е ризик за здравјето на жителите.

До затнување најчесто доаѓа на педесетина метри пред железничката пруга, каде што асфалтот е длабоко пропаднат поради движењето на тешки товарни возила, па поради тоа е нагмечена и главната одводна цевка.

– Од Општина Кисела Вода речиси една и пол година молчат. Петицијата уредно ја доставивме, заведена е во архивата, и тогаш ни беше речено дека ќе нè повикаат откако ќе ја разгледаат. Ниту нè повикаа, ниту се јави некој од таму, а ние навистина имаме многу сериозен проблем веќе неколку години – вели Олга Мојсоска. Таа објаснува дека неодамна токму на таа дупка настрадало и тркалото на автобус на ЈСП, целосно се искинала гумата на тркалото.

Жителите на оваа улица се принудени по секој пообилен дожд да ги повикуваат на интервенција екипите на ЈП „Водовод и канализација“, кои во моментот го решаваат проблемот, сè до следниот дожд кога ситуацијата се повторува. Според стручните лица од „Водовод и канализација“, нагмечувањето на главната одводна цевка на одредени места достигнува и до 70 отсто.

Сепак, од претпријатието им соопштиле на револтираните граѓани дека не можат трајно да го решат проблемот, затоа што на таа канализациска линија, која е во употреба неколку години, сè уште не е извршен технички прием и не е во нивна надлежност. Поради тие причини секогаш кога е потребна интервенција, како што тврдат жителите, одзатнувањето го плаќаат од сопствениот џеб.

Од Општина Кисела Вода велат дека петицијата од жителите на улица „Киро Фетак“ е разгледана и прифатена, но не одговараат зошто за тоа не се информирани жителите, ниту им е објаснето дали и што ќе се преземе за решавање на проблемот.

– Во моментов преку тендер се врши избор на фирма за чистење на подземната фекална мрежа. По ова, избраната фирма за санација на фекалната мрежа ќе ја санира оштетената мрежа и проблемот ќе биде отстранет. Заради тоа што не сме во можност да констатираме кој дел од мрежата е оштетен, прво ќе извршиме чистење на мрежата, па потоа снимање со камера на целата мрежа, со што ќе се детектираат оштетените делови, кои потоа ќе бидат санирани – тврди портпаролот на Општина Кисела Вода, Јанко Бацарија.