Во центарот на Скопје: Куќата од најубавите соништа

Семејната куќа на Михајло Шкаперда, е своевидно ремек-дело на архитектурата во Скопје. Изградена во 1932 година, оваа куќа била дом на семејството Шкаперда, кое било дел од високите кругови во градот, па за потоа да постане куќа за репрезентација, кога во неа престојувале значајни гости, меѓу кои и Јосип Броз Тито. Денес во овој објект се наоѓа италијанската амбасада.

Видната  фамилија Шкаперда  води потекло од Крушево и е стара влашка фамилија. Никола бил на печалба во Света Гора на почетокот на 20 век, оставајќи ја дома својата жена со 6 деца. Кога се вратил од печалба, се преселил со својата фамилија во Скопје, но набргу потоа му умрела жената Домница (по потекло од угледната влашка фамилија Ничота). По доселувањето во Скопје, Никола ги дал своите синови Михајло и Јанко на школување, а тој се преженил. Михајло по матурирањето во Романската гимназија во Битола ја завршил и Експортната академија во Букурешт, а брат му Јанко се школувал во Франција.

Никола Шкаперда станал сопственик на магацин за градежен материјал во Скопје, за кратко време го разработил и создал  голем капитал и углед во градот. Тој не го зел својот син Михајло веднаш по дипломирањето во својот дуќан, туку како секој добар деловен човек, прво го пратил младиот економист на пракса во банка за подобро да го усоврши занаетот. Дури по смртта на Никола во 1924 год. браќата  Јанко и Михајло целосно ја презеле работата во свои раце. Складот со градежен материјал бил сместен на плоштадот, на околу 2000 м2, а имале и уште еден склад на 7 колосек на старата Железничка станица каде што пристигнувал материјал од Словенија и Босна.

Куќата има приземен кат и петсобен стан над него, во кој живеело семејството Шкаперда, а во потпокривот имало неколку соби за послугата. Во зима куќата се затоплувала со сопствено парно, што било вистинска реткост за индивидуалните градби во тоа време. Паркетот во секоја соба имал друга шарка, а сите детали на внатрешните и на надворешните ѕидови биле направени според германски мостри. Два ѕида, каде што била вдлабнатината за клавирот, биле насликани од прочуениот Мартиновски.

Фамилијата во прво време живеела во Пајко маало, каде што Михајло ја донел својата жена Аглаица Сапунџи. По нивната венчавка биле на свадбен пат  во Букурешт каде што се сретнале со архитектот Симота, кој бил другар на Михајло од студентските денови и тој им ветил дека ќе им направи план за куќа како свадбен подарок. Во 1930 год. Михајло ја започнал изградбата, а куќата ја  лоцирал во центарот на градот (денес во неа е сместена Италјанската амбасада). Куќата е градена во романско-бојарски стил со посебна карактеристична кула. Куќата и денес претставува посебно архитектонско обележје на градот. Во куќата се преселиле во 1932 год., кога Домница, единствената ќерка на Аглаица, имала 8 год.