Во Центар проблем со хигиената

На седницата за советнички прашања, расправата се водеше во врска со хигиената во оваа скопска општина и реакциите на жителите на ѓубрето расфрлано околу контејнерите. 

Пред извесно време Центар доби нови современи подземни контејнери, од кои се очекуваше да го решат проблемот со хигиената. Но не секаде тие се покажаат како практични. Во густонаселените делови, особено за викендите истите се полнат па луѓето се приморани да го оставаат отпадот покрај нив. Дополнително, садовите за селекција на отпад се секојдневно на мета. Луѓето кои собираат отпад, пластика, картони и слично, ги празнат, го собираат она што им е потребно, а зад себе оставаат хаос. 

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски објасни дека надлежноста за новопоставените контејнери е во рацете на Град Скопје. За да се реши ваквата ситуација, Центар, веројатно ќе ја превземе одговорноста над контејнерите кои се на негова територија. 

„Сите граѓани на Центар плаќаат пари за да имаат чиста околина, а не депонии пред своите домови. Контејнерите се во надлежност на ЈП “Комунална хигиена“, односно град Скопје. Имаме безброј вакви случаи во нашата општина, барам веднаш да се преземат мерки и санкции“, апелираше градоначалникот на Центар.