Во близина на Скопје, но малкумина го знаат: Адреналинскиот мост кој вреди да се посети!

фото: Александар Алексоски

На 40-тина километри од  Скопје, скриен меѓу бујна вегетација, издигнат над реката Пчиња се наоѓа овој адреналински, пешачки мост. Мостот го спојува селото Кожле со автопатот “Пријателство”, а се наоѓа помеѓу Скопје и Велес.

Кожле се наоѓа во областа Блатија на десниот брег на реката Пчиња. До селото Кожле се стигнува по автопатот Скопје-Велес. Пред селото Катланово се врти десно, по асвалтиран пат кој поминува низ селото Блаце. Патот ја сече густата дабова шума кој ќе ве одведе право во селото.

Мостот е изграден со дрвен под и е оптегнат на челични сајли, па потребно е стабилно чекорење по него, бидејќи се ниша на секое движење. Помалку храбрите ќе треба да соберат храброст за да зачекорат по него, па адреналинското доживување е загарантирано.

На табла пред мостот стои дека е изграден во 2012 година од страна на Стојан Трајановски со фамилијата од село Инџиково, па мостот е крстен “Стојанов мост”.

Мостот е релативно нов и малкумина го знаат, но навистина заслужува да се посети, да се помине од едната на другата страна на Пчиња и да се ужива во недопрената природа во овој дел на нашата убава Македонија.