Во близина на локалитетот „Баргала“ откриена доцноантичка некропола

Археолошкиот тим од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип откри доцноантичка некропола од VI век од нашата ера во близина на археолошкиот локалитет „Баргала“.

Во моментот НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип изведува археолошки истражувања на локацијата Џамалзлиски Гробишта на локалитетот Баргала, соопшти Министерството за култура.

Локацијата Џамалзлиски Гробишта се наоѓа на околу 500 метри југозападно од археолошкиот локалитет Баргала и црквата „Св. Ѓорѓи“, од левата страна на Козјачка река. На оваа локација во 2012 година беа констатирани нелегални ископувања.

„Со археолошките истражувања е дефинирана и документирана ѕидана гробница, како и една семејна гробница откриена во целост. Откриена е и семејна гробница со шест гроба, оквирени со камени блокови во една целина, како и уште неколку гробови во близина од типот на меморијалници, датирани од IV до VI век од нашата ера.

На површина од околу 5 хектари, со рекогносцирање на теренот, констатирани се повеќе конструкции од гробови, со што се потврдува дека на овој простор се наоѓа некрополата на доцноантичкиот град Баргала. Со истражувањата се откриени уште неколку гробови, од кои еден припаѓа на млада индивидуа.

Во подолните слоеви под гробовите е констатирана керамика од железнодобскиот период. Археолошките истражувања се насочени кон дефинирање на можната некропола, како и кон подетални истражувања и анализи на керамиката од постарите слоеви, кои укажуваат на можни културни хоризонти од железнодобскиот период“, се наведува во соопштението.