
Министерството за внатрешни работи-Сектор за сообраќајни работи во текот на август месец спровело засилени акциски контроли на целата територија на државата за санкционирање на прекршоците што ги чинат возачите на лесни електрични возила (електрични тротинети), при што се констатирани 606 прекршоци, информираа од МВР.
Од нив, 162 санкции биле изречени за неносење рефлектирачко елек при управување електричен тротинет во ноќни услови, 134 поради некористење велосипедска или пешачка патека, 59 поради некористење заштитен шлем, 45 поради превезување на две лица, 20 за малолетници кои управувале електричен тротинет итн.
Притоа, одземени биле 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.
Од вкупниот број прекршоци, најголем дел се констатирани на подрачјето на СВР Битола – 236, потоа СВР Скопје – 97, СВР Струмица - 82, СВР Охрид – 57, СВР Тетово - 27, СВР Велес - 18, СВР Штип - 13, СВР Куманово – 7 и 69 од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот.
Во текот на контролите констатирани се и 3665 прекршоци од друг вид.
Оттаму посочија дека за сите констатирани прекршоци преземени биле соодветни мерки и изречени биле санкции согласно законските прописи.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи“, порачаа од МВР.