Во Археолошкиот музеј на Македонија, едукативно катче за деца

Археолошкиот музеј ќе ги контактира градинките и основните училишта за да организираат посети на едукативното катче, кое освен во понеделник ќе биде отворено секој работен ден од 10 до 18 часот. 

Децата што ќе го посетуваат ќе имаат можност своите впечатоци и стекнатите знаења за археологијата и за богатите археолошки артефакти од Македонија креативно да ги изразуваат преку моделирање во глина, цртање или пишување есеи.

Гости на првиот ден од работилницата, која е дел од пректот „Млади археолози“, беа ученици во второ одделение од ОУ „Лазо Ангеловски“ од Ново Лисиче. Тие имаа можност да цртаат предмети најдени на локалитетите, да копаат со лопатчиња во земја во која се ставени „пронајдоци“ или да прават накит нижејќи камчиња.

Во катчето е достапна и анимација преку две едукативни видеоигри од серијалот „Археологика“. Засега се изработени две: „Меморија“ и „Збирката на кустосот“, а уште две видеоигри се во фаза на изработка. Целта е преку игра и забава да научат поими од археологијата и да може да ги препознаваат најпознатите артефакти од земјава.

На отворањето присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која во изјава за медиумите истакна дека катчето за едукација за деца, преку практична и научно-истражувачка работа приспособена на нивната возраст, ќе биде исклучително значаен извор за надградба на нивните знаења од областа на археологијата, музеите, историјата.