Во Аеродром заврши Меѓународниот кошаркарски турнир ,,Драган Василов – Цевка“

Со доделување на медалите на најдобрите кошаркари заврши Меѓународниот кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка“. Победник во финалето беше екипата на Слован од Љубљана (Словенија), која успеа да го победи тимот на Академик од Пловдив (Бугарија) со резултат од 72:42.

Во борбата за трето место меѓу екипите на Реал Гуровиќ Академија (Србија) и Сопрон (Унгарија), повеќе среќа имаше тимот на Реал Гуровиќ Академија, кој победи со резултат од 70:69.

Петтото место му припадна на тимот на Црвена Звезда со победа над романски Клуж од 62 : 57, a во „македонското дерби“ за 7. место, вардаровите кошаркари беа подобри од „младите штркови“ на МЗТ Скопје - Аеродром со резултат од 71 : 59. За најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Келер Бендегуз од тимот на Сопрон, а за МВП наградата за најдобар играч ја понесе кошаркарот на Слован, Леон Ивичиќ.

Претходно во натпреварот во забивање победи младиот кошаркар Владимир Цвијетиќ од редовите на Црвена Звезда, а во натпреварот во шут за три поени победи бугарскиот кошаркар од редовите на КК Академик Пловдив, Кристијан Желев.

Пехарите на најдобрите ги доделија претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, и Горан Василов, син на Драган Василов- Цевка, кои заедно им честитаа на младите кошаркари и им посакаа успешни кариери во иднина.

Општина Аеродром како организатор на турнирот, се покажа како одличен домаќин и вистински репрезент на кошарката, велат учесниците. 

 Од Општината потврдија дека овој турнир ќе биде традиционален секоја година, во заедничка организација со Кошаркарската федерација, Олимпискиот комитет и Агенцијата за млади и спорт.