Во Аеродром започнува фестивалот на комедија „Гола Месечина“

 Традиционалниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ ќе се одржи по осми пат, од 15 септември (среда) до 19 септември (недела), под отворено небо во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, во организација на Општина Аеродром и НУ „Театар комедија“.

Фестивалот, како што посочуваат од Општина Аеродром, ќе се одржи според сите утврдени протоколи за организирање манифестации од отворен карактер.

– Фестивалот на комедијата и годинава ќе биде од ревијален карактер и ќе изостанат претставите од соседството, а целосниот фокус ќе биде ставен врз македонската продукција на комедии. Сите претстави ќе почнуваат во 21 часот, наведуваат од Општината.

Поради ограничениот број на седишта (200), ќе може да се влегува само со билети (бесплатни) што можат да се подигнат од пријавницата на Општина Аеродром од 9 до 15 часот на денот на секоја претстава. Едно лице може да подигне два билета за една претстава со приложување лична карта, и тоа само доколку поседуваат сертификат за вакцинација.

Во среда ќе се игра „Грдиот“ во „Театар Комедија“, во четврток „Чудесна терапија“ во „Драмски театар“ – Скопје, во петок „Што е силеџија“ во „Театар за деца и младинци“ – Скопје, сабота „Мој Термин“ во „Македонски народен театар“ – Скопје и недела „Вообразен болен“- НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.