Во Аеродром се одржа обука во рамки на проектот „Како до безбедни училишта“

Во рамките на проектот „Како до безбедни училишта“ денеска во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром се одржа обука на наставниците и стручните соработници од осумте основни училишта во Општина Аеродром.

„Општина Аеродром се грижи за беспрекорно одвивање на воспитно-образовниот процес, а особено за безбедноста на учениците. Оваа обука на наставниците е токму во таа насока – наставниците да разменат искуства и да се стекнат со ефикасни и применливи стратегии за препознавање и интервенција во насилни ситуации, кои потенцијално би можеле да се јават во училиштата“, изјави на отворањето на обуката Велимир Делетиќ, помошник-раководител на Секторот за образование, спорт, култура и заштита.

Обуката на наставниците ги опфаќа правните аспекти на насилството во училиштата, педагошките, психолошките аспекти на малтретирањето во училиштен контекст, формите на манифестирање и превенирање на сајбер-насилството, како и последиците од изложеноста на малтретирање и насилство во секој општествен контекст и средина и можности за нивно рано препознавање и превенција, позитивни европски практики за намалување на насилното однесување, форми на манифестирање и превенирање на насилството.

Свој придонес во обуката дадоа реномираните универзитетски професори Елизабета Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки), Дејан Мицковиќ (доктор по правни науки), Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки), Тања Милошевска (доктор од областа на безбедноста) и Анета Баракоска (доктор по педагошки науки).