Внимавајте во сообраќајот кога е лето - тогаш се случуваат најголемите сообраќајни несреќни

Бидете внимателни во сообраќајот, особено сега кога е лето, бидејќи тогаш се случуваат најголемите сообраќајни несреќни.

Искуството и статистиката покажуваат дека пред нас се стоте најкритични и најцрни денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.

Најчести причини за сообраќајни незгоди во овој период од годината се:

• Брзото возење. Причина број еден за сообраќајни незгоди со фатални последици е брзото и агресивно однесување во сообраќајот. Лето, опуштена атмосфера, одмори и забава, но дефинитивно сообраќајот не е место каде треба да се троши вишокот адреналин и вишокот енергија. Сообраќајот бара смирени и одговорни возачи.

• Неправилно пристигнување. Сообраќајниот метеж е составен дел од сообраќајот во овој период од годината. Нестрпливоста, слалом возење и желбата за престигнување и побрзо пристигање на посакуваната дестинација најчесто значи, директен судир помеѓу возилата, тешко повредени и загинати лица, односно прерано завршен живот, неостварени соништа и неуспешно пристигнување онаму каде сте тргнале. Затоа, бидете трпеливи и никогаш не престигнувајте неправилно, дури и кога тоа навидум изгледа безбедно.

• Замор. Долгите патувања се карактеристични за овој период од годината. Возачите го планираат своето патување во зависност од тоа кога е најмал сообраќајниот метеж, а не во зависност од тоа кога се одморени и подготвени. Статистиката покажува дека сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат со фатални загуби затоа што изостанува можноста за реакција на возачот и можноста за избегнување и намалување на последиците. Човечкото тело има ограничени можности, а лажната самоувереност носи фатални загуби. Затоа, патувајте одморени, наспани, правете пауза и не возете подолго од 3 часа без одмор.

• Алкохол. Управување моторно возило под дејство на алкохол и психотропни супстанции е многу посилно изразена појава во летниот период во споредба со остатокот од годината. Голем број прослави, забави, веселби до раните утрински часови и изобилство алкохол. И сето тоа може да биде прифатливо, но никако не може да биде прифатливо управување моторно возило под дејство на алкохол – тоа носи смрт, загубени човечки животи и тажни семејни судбини. Затоа, уште еднаш потсетуваме, алкохол и волан е најлоша комбинација. Стоп за пијаните возачи!

• Високи температрури. Високите летни температури влијаат на способноста за возење, на техничката исправност на возилото и на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание, проверувајте ја техничката исправност на возилото и не патувајте во периодот од денот кога температурите се највисоки. Правете почести паузи и консумирајте повеќе течности. Високите температури особено се пречка за повозрасните возачи и за оние кои имаат здравствени проблеми. Пред секое подолго патување, за оваа категорија возачи, се препорачува соодветна подготовка и консултација со лекар.

• (Не) користење сигурносен појас или кацига (од страна на возачите, но и на патниците). Појасот и кацигата значително влијаат на тоа какви ќе бидат последиците во сообраќајните незгоди. Не користење сигурносен појас и не носење кацига е рефлексија на недостаток на свест и одговорност на возачите и на патниците кон ризикот и опасностите во сообраќајот.

По секоја сообраќајна незгода со фатални последици се бараат виновници. Вината е на повеќе страни, но најсилно изразена е кај факторот човек – учесниците во сообраќајот.