
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека е забележана зачестена појава изминативе денови, каде непознати лица преку странски телефонски број +639606963624 испраќаат на македонски корисници пораки за наводно регистриран сообраќаен прекршок и бараат наплата со платежна картичка за истиот на лажна веб страна: „http://mvr.govmk.cam/mk“.
Од МВР посочија дека измамата ја вршеле на тој начин што, откако лицата ќе кликнат на линкот оставен во пораката, истиот води на лажна веб страна на МВР каде што бараат да се внесе регистарската табличка од возилото и потоа носи на нов прозорец каде е регистриран прекршок и бара наплата од 1.500 денари за истиот.
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба“, порачаа од МВР.
Исто така Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи со цел да не наседнуваат на измами од ваков тип.

