Внимавајте, се шири најнова измама со лажни ПОЦ казни оставени на возила

Твитер корисникот Божидар Спировски предупредува на измама со лажни ПОЦ казни оставени на возилата. Според него измамата води на лажен сајт за наплата кој краде броеви на картички и лични податоци за понатамошна продажба, кражба и злоупотреба на идентитет.

Спировски вели дека измамата започнува со оставање на физичко ливче (казна) на возилото, со наводен QR код кој треба да се скенира за да се плати казната и додава дека најмалку десетина граѓани веќе наседнале на измамата

„ QR кодот води на сајт со следниот линк (намерно скршен за да не кликнат луѓе) https[://]freezonebelgrade [.]org[/]PayDpk.html Страната прво бара да се внесат лични податоци, некаков број од казната, потоа отвора форма за број на картичка (Бројот на картичка е лажен). Страната не валидира ниту еден податок, можете да внесете што сакате. Кога ќе притиснете "плати", добивате безусловна порака за успешно плаќање - дури и со лажни податоци. Целта не е веднаш да ви извлечат пари, туку да ги украдат личните податоци и бројот на картичка. Измамата може да трае и подолго време бидејќи жртвата нема веднаш да види штета. Криминалците се локални и не сакаат да се изложат на ризик да генерираат трансакција бидејќи секоја трансакција мора да е од регистриран трговец кој ќе го најдат банките локалната полиција“ пишува Спировски

Тој посочува дека криминалците ќе заработат подоцна со трансакции на странски сајтови или со продажба на украдени податоци. Неговиот совет дека ако некој внел картична на ваков сајт истата треба да се блокира. Спировски додава дека не треба да му се верува на QR код туку регистрираниот сајт да се најде на Google и да се плати директно на него.