Внимавајте: Колку растителното сирење, посниот мајонез и кашкавал се навистина посни?

Верниците во текот на Божикните пости во маркетите купуваат растителни производи сметајќи дека тие се посни и најчесто не ги читаат декларациите на кои стои дека содржат млечни ензими и траги од млеко. 

Имено, голем дел од растителните производи кои производителите на граѓаните им ги продаваат како посни, всушност не се посни. Дали на овој начин се доведуваат во заблуда купувачите, односно верниците кои купувајќи растителни млечни производи не знаатдека се "омрсиле".

Од Агенцијата за храна и ветеринарство како одговорна институција за безбедноста на храната, не ја исклучуваат можноста за вакви производи и апелираат до потрошувачите секоја недоследност или дилема во врска со храната да ја пријават во Агенцијата. Оттаму велат дека сирењето или кашкавалот не можат да се декларираат како растителни и доколку со технолошкиот процес на производство се дефинирани други состојки, тогаш тој производ е надвор од дефиницијата за сирење.

Голем дел од православните верници кои во текот на Божикните пости консумираат растителни сирења мораат да знаат дека тие во себе содржат траги од млеко, односно млечни ензими. Иако има трговци кои искрено велат дека немаат посен кашкавал, посен шлаг или посна павлака, поголем дел од нив ќе ги убедат купувачите дека во текот на постот можат слободно да јадат некои од тие производи. Така денес на полиците во маркетите можат да се најдат посно сирење, посен кашкавал, посна павлака, посен шлаг..., но само на некои од овие производи, стои дека во производството на вакви производи се користат млечни ензими.

Технолозите потврдуваат дека не е можно да се добие сирење или кашкавал без ензими кои водат потекло од млекото. Голем број од потрошувачите ваквите производи ги сметаат за посни и ги користат во текот на постите и за подготовка на посни јадења, меѓутоа ако се види нивниот состав ќе се види дека во поголем дел од нив има казеинат, кој е млечен протеин, велат тие.

Тие потврдуваат дека нема кашкавал кој не содржи ништо од млеко, но производителите дел од млечните масти ги заменуваат со растителни масти. Сирењето кое се добива од растителни масти е многу меко, па затоа производителите му додаваат протеин - казеинат кој е изваден од млекото. Овој протеин е добар стабилизатор и емулгатор и ја врзува водата од млекото и ја зацврстува структурата на производот. Затоа производите кои го содржат овој протеин не се посни.

За да се елиминира можноста од доведување на потрошувачите во заблуда, кога станува збор за продажба на производи кои содржат растителни масти или масла, истите задолжително треба да се наведени во декларацијата. Овие производи се продаваат одделно од млечните, на друг, посебен рафт. Млечните производи, вклучително и сирењето и кашкавалот, се производи добиени со преработка на сурово млеко. Доколку со технолошкиот процес на производство се дефинирани други состојки, тогаш тој производ е надвор од дефиницијата за сирење. Согласно законските и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја, производителот не смее производот да го декларира како млечен, ако истиот не е направен исклучиво од сурово млеко.

Сирењето или кашкавалот не можат да се декларираат како растителни, бидејќи согласно Правилникот за барањата за квалитетот на суровото млеко, стандардите за квалитет на конзумното млеко, млечните производи и употребата на нивните називи, квалитетот на активноста на стартер културите, сирилата и други специфични материи, и начинот на нивна употреба, начинот на дополнително означување на млекото и млечните производи, како и дозволеното отстапување на тежината во однос на декларираната - таков производ не постои. Дозволено е таквите производи да се декларираат како растителен производ, но не и како сирење или кашкавал.