Внимавајте каде паркирате - ЈП „Градски паркинг“- Скопје со засилени контроли

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ги засилува контролите за непрописно паркираните возила, поради што упатува апел до корисниците да внимаваат на правилата за паркирање на своите возила, со што не би се соочиле со несакани санкции т.е. поставување блокатор на тркало или отстранување со пајак службата.

Имено, изминатата недела утврдени се повеќе случаи на непрописно паркирани возила, како што се: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина и слично, при што по налог на полиција или комунален инспектор, соодветно е постапено.

Поради ова, ЈП „Градски паркинг“ – Скопје апелира до корисниците на паркинг услугите да внимаваат на вертикалната и хоризонталната сигнализација и своите возила да ги паркираат исклучиво на паркиралиштата на означени паркинг места.

-Исто така, апелираме сите корисници навреме да го регулираат плаќањето на паркинг услугата преку СМС порака или со греб картичка истакната на предното ветробранско стакло. ЈП „Градски паркинг“ – Скопје продолжува да работи на подобрување на услугите за корисниците, а за било каква информација им стоиме на располагање на граѓаните преку нашите контакт телефони, велат од претпријатието.