Внимавајте! Измама за донации за болно дете се споделува на Фејсбук

Лажен повик за донации за лечење на бебе се споделуваше на социјалните мрежи, сè додека не се обелодени измамата.

Извесна Радица Динев, за која не се знае ниту дали е вистинско име на лицето кое стои зад профилот, сподели трогателна приказна и повик за донации директно на трансакциска сметка на која носител е лице со истото презиме. Сепак, таа бара пари во име на мајката Мимоза, чие дете се лечи во приватната болница Систина. 

Сепак, измамата беше сопрена навреме, со реакцијата на болницата.

„Клиничката болница „Аџибадем Систина" ве известува дека во болницата не е хоспитализирано бебе кое наводно се бори за живот, а чија е мајка е извесна Мимоза од Тетово. За случајот на социјалните мрежи се шири повик за донации“, пишуваат оттаму.

Во оригиналната објава, Радица Динев повикува заинтересираните да донираат без да коментираат за сметката и „слични глупости“. 

Според реакциите на социјалните мрежи, се работи за добро-разработен профил кој повеќепати бил фатен во слични измами, но секогаш постојат граѓани кои не го забележале тоа и може да „паднат“ на сентименталност и да донираат пари, мислејќи дека некому помагаат.

Со ваквите постапки се доведува во прашање хуманоста на граѓаните, кои се плашат да не бидат изиграни и донираат само за случаи кои лично ги познаваат.