Внимавајте и сега можете да добиете казна: Уште една недела е задолжителна зимската опрема во автомобилите

Уште една недела е задолжителна зимската опрема во автомобилите.Оваа обврска започнува на 15 ноември и трае до 15 март.

За возачите на автомобили, теренски возила и на лесни камиони е задолжително носење зимски гуми и синџири, а возачите на автобуси и на тешки камиони, покрај тоа, треба да поседуваат и лопата ако на погонските тркала не може да се постават синџири за снег.

Санкционирањето во претстојната зимска сезона ќе биде во согласност со постојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, со кој се пропишува казна од 45 евра во денарска противвредност, односно на возачот ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Полициски службеник може да нареди да се прекине со возење доколку не се постапува според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Таква наредба може да издаде и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на зимската опрема на возилото.

Што значи зимска опрема?

Под зимска  опрема  за моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg, се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази,  минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина  за погонските  тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4),подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm).  Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на  шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по  обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4mm) и синџири за снег со адекватна големина  за  погонските  тркала или други  соодветни помагала;

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и: – прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:  „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.