Внимателно со сладоледот, не го замрзнувајте повторно ако веќе се стопил

Според временската прогноза, следуваат топли денови, кои се идеални за освежување со сладолед. Но, дали знаете дека и тој може да биде опасен, особено ако случајно го заборавите надвор и потоа го враќате во замрзнувач, мислејќи дека ништо страшно не се случило. Но, дали е навистина така?

Од стопен па повторно смрзнат сладолед демне опасноста од зараза со листерија, која предизвикува листериоза. Оваа болест го напаѓа мозокот и може да предизвика застој на срцето. Луѓето најчесто се заразуваат преку бактериолошки неисправни млечни производи, свежиот зеленчук и термички недоволно обработено месо. 

Листеријата може да преживее дури и во фрижидер и не само тоа, туку и да се размножи во големи количини. Оваа бактерија преживува на температури меѓу 0 и 45 степени Целзиусови, што е широк распон.

Со правилно готвење на храната и миење на овошјето и зеленчукот, се уништува оваа бактерија. Храната која не е изладена во фрижидер или онаа која пребавно се ладела, е изложена на зголемен ризик од размножување на листеријата. 

Стопената содржина од сладоледот е идеална за развој на листерија, бидејќи содржи млеко, јајца, шеќер и други состојки со кои се храни бактеријата. Токму поради тоа, потребно е да извадите количина што можете да ја изедете, а остатокот веднаш да го вратите во замрзнувачот. Ова особено важи доколку правите домашен сладолед.