Вниманието, позитивните зборови и заедничките искуства – децата секогаш ќе ги паметат овие работи за своите родители

На колку работи од вашето детство можете да се сетите? Дали се сеќавате на новогодишниот подарок од 1985 или во вашите мисли повеќе се сеќавате на домашната атмосфера, малите работи, каде сте оделе на летување?

Децата треба да имаат убави спомени од своето детство. На тој начин, тие се развиваат во здрави и среќни личности. Но, треба да знаете дека некои работи тие повеќе ќе ги запаметат од другите.

Искуствата и заедничките авантури

Искуства, а не подароци и материјални работи. Тоа е тоа што го зближува семејството. Затоа, колку и да мислите дека правите сè за вашите деца, тие нема да се сеќаваат на подароците кои сте им ги купиле за роденден, туку начинот на кој го прославиле својот роденден. Ќе се сеќаваат ако одите заедно на сладолед со нив и се смеете, ако ги носите на Водно и заеднички креирате заеднички авантури и искуства.

Позитивните зборови

Многу од убавите зборови кои им ги кажувате прават тие да се чувствуваат посебно. 

„ Горди сме на тебе.”

„ Ти си добро дете. “

Она што е заедничко за овие реченици е тоа дека ги нагласуваат добрите особини на детето. Ако така им зборувате од мали, во фокус го ставате позитивното. Подобро е да им кажувате дека се добри личности, отколку тоа дека се препаметни бидејќи колку и да е светот модерен и лош, сепак подобро е да се биде добра личност.

Колку внимание им обрнувате

Во времето кое растевме, нашите родители доаѓаа од работа и ни обрнуваа внимание без оглед на тоа каков бил нивниот ден. Тогаш никогаш не слушавме за стрес, не ги гледавме како гледаат во својот телефон постојано, туку го добивавме вниманието кое знаевме дека го заслужуваме. Денеска е малку поинаку, но телефонот никаде нема да ви избега. Бидете покрај своето дете, зборувајте и прашувајте.

Како се однесувате во тешките ситуации

Децата гледаат пример во своите родители. Кога доѓаат тешки времиња, тие ќе гледаат во вас како се однесувате. Никогаш нема да го заборават начинот на којшто сте се справиле со некоја ситуација, и чувството на безбедност кое сте им го дале, знаејќи дека се заштитени и покрај сè.

Начинот на кој се однесувате кон брачниот партнер

Вие сте огромен пример за своето дете и начинот на кој што го третирате својот брачен партнер засекогаш ќе остане врежан во нивниот ум. Кога сте дома со нив, трудете се убаво да се однесувате и со љубов кон вашиот сопруг, или сопруга. Така децата ќе имаат добар пример на кој ќе можат да се огледаат.