Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди денеска експресно го расчистил случајот што попладнево беше објавен на социјалните мрежи, а се однесува на наводно непрофесионално постапување на полицијата во Прилеп.
Во објавата, која брзо стана вирална, беше наведено дека судија од Апелациониот суд, Никола Крстески од Крушево, со своето возило влегол во еднонасочна улица и се паркирал на место каде што не е дозволено. На возилото му била поставена блокада („канџа“), но откако, наводно, било направено телефонско јавување, канџата била тргната, а возилото не било подигнато со пајак-служба. Сведоци на настанот биле и полициски службеници кои, како што се тврди, не реагирале.
По оваа објава, МВР информира дека веднаш се преземени проверки од страна на Одделот за внатрешна контрола.
„Од извршените проверки е утврдено дека на 05.07.2025 година, во 12:00 часот, сменоводителот на БПС Прилеп В.И. го упатил полицискиот службеник А.К., кој управувал со специјално возило пајак, да постапи по неправилно паркирани возила на улицата „Борка Урот“. При интервенцијата, затекнато било непрописно паркирано возило ‘цитроен’ со прилепски регистарски таблички. Пред да биде подигнато, на лице место пристигнал сопственикот на возилото – Н.К. од Прилеп, кому му бил издаден прекршочен платен налог во износ од 40 евра и бил изготвен записник за сторен прекршок согласно член 66, став 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, се наведува во соопштението на МВР.
Од Министерството потенцираат и дека министерот Панче Тошковски денеска не бил во посета на ОВР Прилеп, ниту се наоѓал на територијата на градот.