Во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ веќе се прават првите чекори за претстојните локални избори, кои се очекува да се одржат во ноември. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој е и претседател на Извршниот комитет, изјави дека овој месец ќе бидат спроведени неколку интерни анкети за потенцијалните кандидати за градоначалници. Тој, исто така, нагласи дека раководството на партијата има право, според статутот, да предложи свои кандидати, надвор од листата што ја подготвуваат општинските комитети.
Според информации од партиски извори, еден од најсериозните кандидати за градоначалник на Скопје е актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, кој јавно изразил амбиција за оваа функција. Сепак, дел од партиската база повеќе ја поддржува кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода, кој во неколку наврати истакна дека е подготвен за овој предизвик. Меѓу потенцијалните имиња се споменува и Бобан Стефковски, актуелниот градоначалник на Гази Баба.
Во меѓувреме, вицепремиерот Изет Меџити најави дека коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ имаат намера да настапат заеднички на локалните избори – со одделни советнички листи, но со меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, било во првиот или во вториот круг, зависно од постигнатиот договор. Меџити истакна дека по изборите во коалицијата Вреди се очекува да влезе уште една политичка партија.
Од друга страна, партијата ЗНАМ засега не водела разговори за меѓусебна соработка со коалициските партнери во однос на локалните избори. Од таму информираат дека моментално се фокусирани на формирање нови општински организации, по што ќе следи процес на селекција на потенцијалните кандидати. Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, неодамна изјави дека размислува за повторна кандидатура, но конечната одлука ќе биде донесена откако партијата ќе спроведе анализи и анкети во месните заедници.