ВМРО-ДПМНЕ ќе собира 150 000 потписи за распишување референдум за поништување на Договорот со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ ќе почне постапка за граѓанска иницијатива за собирање потписи за собирање на потписи за распишување на задолжителен референдум. Референдумското прашање, како што изјави вечерва лидерот на партијата Кристијан Мицкоски, ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов, како „извор и почеток на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции“.

-Затоа референдумското прашање предлагаме да гласи и како такво денеска го усвои и потврди Извршниот комитет на партијата: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка межу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?, рече Мицкоски по завршувањето на седницата на ИК на партијата, којшто го усвоил референдумското прашање.

Наредната недела, нагласи, ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи по што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието.

-На оваа иницијатива првопотпишан ќе бидам јас, Извршниот комитет на партијата, пратениците, по што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум, повторувам задолжителен референдум, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека партијата ќе повика да се гласа за престанување на важноста за овој, како што вели штетен договор.

Раскинувањето на овој договор, според него, ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн.

Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но, не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.

Лидерот на опозициската партија нагласи дека седницата на ИК на партијата следи по широките консултации што ги направил изминатиот месец дена. Разговарал и се консултирал со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери, пратениците при што заеднички се стигнало до решение кое беше потврдено едногласно од страна на Извршниот комитет.

Мицкоски очекува власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените притисоците и кочењата на Бугарија.

-Јас апелирам до власта да не ја блокира иницијативата и да дозволи народот којшто е суверен во нашата Македонија да се произнесе за штетните последици од овој договор на којшто предупредувавме уште во 2017 година, кога практично овој договор беше носен од страна на Владата на Заев, дека ќе се случи ова што денеска ни се случува, рече Мицкоски.

Тој вели дека доколку претседателот на Собранието Талат Џафери ја оцени иницијативата како неуредна, партијата ќе преземе други чекори. Но, нагласува Мицкоски, очекува сериозност, одговорност од страна на власта. Формулирано е, нагласи тој, референдумско прашање што ги задоволува и ги исполнува сите критериуми.

Во врска со тоа зошто е прашањето сложено, а не се оди само со тоа дали сте за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели оти се водело сметка за тоа кој какви ингеренции има и прашањето да не биде изговор на Талат Џафери дека тоа не е надлежност на Собранието.

-Знаете затоа што самиот договор е споделена ингеренција, па може да кажат ова не е надлежност на Собранието, но Законот за ратификација на потпишаниот договор е надлежност на Собранието и гласан во рамките на Парламентот, и тој ќе нема тој луксуз да каже дека ова не е под ингеренции на Собранието. Но суштината јас се сложувам со вас е апсолутно таа, гласаме за или против овој договор што е изворот на сите наши проблеми, рече Мицкоски.

На прашањето што ќе се случи доколку референдумот е неуспешен и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се  предомисли за уставните измени, Мицкоски рече дека е сигурен оти и во Владата има проевропски политичари кои ќе го повикаат народот да излезе на референдумот и така, како што потенцира, „сите заедно ќе излеземе и ќе гласаме за вистинска европска Македонија и Македонија во ЕУ, а не за Македонија под уцени и под блокади“.