ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува претходната власт дека работела на раздвојувањето на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ

Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ лажеа дека сме почнале преговори, а работеа на раздвојување на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Честито. Уште едно достигнување за кое се заслужни ортаците во криминал и неспособност СДС и ДУИ. Успеја во намерата за раздвојување на Албанија и Македонија во европските интеграции. За ова достигнување напорно работеа 7 години. Измамници какви мајка до сега не родила – СДС и ДУИ лажеа дека сме почнале преговори, а работеа на раздвојување на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ. Артан Груби стана крал во криминал, а Бујар Османи велемајстор во утки и порази. И за сето ова има еден Заев кој става печати на сево ова со потпишување на разни договори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека Заев ветуваше почеток на преговори уште пред 6 години, кога се сликаше во владиниот авион, што се испостави како лага.

Според нив и новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче, е дел од, како што велат, ова зло кое СДС и ДУИ и го нанесоа на Македонија.

„Тој заедно со Заев беше дел од најкриминалната влада која системски произведуваше корупција. Додека сите земји се развиваа и имаа раст, Македонија назадуваше на секое поле од судство со 2% доверба до раст на БДП по глава на жител кој е дупло помал од растот на земјите во регионот во период 2017- 2022. СДС и ДУИ нанесоа трајни штети врз Македонија“, се додава во партиското соопштение.