
На вечерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беа донесени повеќе кадровски решенија за нови претседатели на општинските комитети на партијата низ државата, а за нов портпарол беше избран Валентин Манасиевски.
Од партијата информираат дека дел од избраните претседатели се нови лица кои треба да внесат „свежина“ во локалните структури, додека останатите се актуелни и докажани претседатели кои, како што наведуваат, оствариле значајни изборни резултати и позитивни промени во локалните самоуправи.
„ВМРО-ДПМНЕ со овие кадровски решенија ја гради иднината на државата, како на локално, така и на централно ниво“, соопштија од партијата.
За нов портпарол на ВМРО-ДПМНЕ е избран Валентин Манасиевски, долгогодишен активист на партијата, кој својот политички ангажман го започнал во Унијата на млади сили (УМС).
Манасиевски има завршено високо образование на Филозофскиот факултет при УКИМ, а моментално е на магистерски студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Меѓу новоизбраните претседатели на општинските комитети во Скопје се Тони Јаревски за Карпош, Иван Живковски за Кисела Вода, Дејан Митески за Аеродром, Сергеј Попов за Центар, Ѓоко Велковски за Чаир, Дарко Костовски за Бутел и Бојан Стојаноски за Ѓорче Петров.
Нови претседатели беа избрани и во повеќе општини низ државата, меѓу кои Куманово, Велес, Штип, Кочани, Делчево, Тетово, Гостивар и други општински комитети.