ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ се согласија за нешто, ја изгласаа Националната развојна стратегија 2024 - 2044 година

ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ се согласија за нешто, имено тие вчера во Собранието ја изгласаа Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024 - 2044 година. Таа предивдува Одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување

Стратегијата, како што беше речено, е водечки документ со кој се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Македонија. Донесена е со политички консензус и низ инклузивен процес во кој биле вклучени МАНУ, Владата, Собранието, академската заедница, експерти, граѓанскиот и бизнис секторот, како и политичките партии.

И додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа целосна поддршка за донесување на Стратегијата, Белерем Беџети од ДУИ побара нејзино повлекување и корекции, повикувајќи се на актулените случувања со Уставниот суд. Реџеп Исмаил од Левица, пак, оцени дека НРС е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена.

„Основната идеја на НРС е да овозможи континуитет во стратешкото планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација. НРС е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на Република Македонија, која во основа се темели врз три базични национални развојни цели: Зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, усовршување на вештините, знаењето, вклученоста и отпорноста на граѓаните, Модели на управување што се отворени, отчетни, сеопфатни и отпорни, способни да спречат и соодветно да реагираат, поттикнувајќи просперитет за сите општествени групи, како и Социјалната инклузија што подразбира подобрени социјални, здравствени и образовни услуги во насока на обезбедување корист за поединците, бизнисите и за општеството во целина“, истакна заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, образложувајќи го текстот.

Според Лашковска, како стратешки и развоен документ, НРС ги идентификува клучните предизвици и државните приоритети, особено имајќи го предвид стремежот на земјава да се приклучи кон Европската Унија до 2030 година, како и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.

„Луѓето во Република Северна Македонија имаат висок животен стандард, реализирајќи се во економија што е одржлива, конкурентна и нуди еднакви можности за сите. Институциите се ефикасни, отчетни, одговорни, иновативни и отворени за учество на граѓаните. Заедниците во кои живееме се зелени, безбедни, отпорни на современите ризици и опасности, инфраструктурно поврзани и дигитализирани. Овие услови придонесуваат да се создаде основа за просперитетни млади, поединци што се задоволни, среќни, здрави и луѓе што активно стареат. Уметноста и културата се столбовите на нашето општество и придонесуваат за подобрување на колективната благосостојба и за меѓународната перцепцијата за државата. Нашата држава е активен и почитуван член на меѓународните организации и на регионалните иницијативи, каде што промовира вредности, норми и процеси што резултираат во подобрување на животот на сите луѓе, е визијата на Стратегијата“, рече Лашковска.

Фатмир Битиќи ги повика пратениците да го поддржат усвојувањето на Стратегијата.

„Одлуката за донесување на Стратегијата надминува политички поделби и лични амбиции и отвора врата за просперитиет и развој. Ова е повеќе од лична и политичка одлука, ова е момент кој бара зрелост одговорност и консензус. Над 14.000 граѓани од сите сфери и политички партии придоенсоа за создавање на документот. Ова не е Стратегија на една влада или една партија, туку од сите нас за сите нас. Овој документ успеа да ги обедини различните гласови и интереси. Ова е патот што ќе ја води земјава кон долгорочен развој. Покажуваме дека ги цениме различните мислења и дека сме заинтерсирани да ги интегрираме во заеднички план. Граѓаните очекуваат соработка, консензус и визија која ќе ги надмине тековните политички битки и поделби. Стратегијата овозможува да ги зачуваме различностите, но и да ги надминеме за заедничка цел. Консензуалното усвојување ќе има и доглорочни политички импликаци, нема да помогне само да ги решѓме економските предзвици, туку ќе ја зголеми довербата во нашиот политички истем. Докажавме дка сме способни за компромиси и соработка, а компромисиот не е  слабост, туку е израз на политичка зрелост и одговорност“, подвлече Битиќи.

И Димитар Ковачевски се согласи дека стратегијата е јасна визија за државата во следните две децени.

„Како ретко кој документ НРС ги опфаќа сите области. Натпартиски е, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен. Сите политички партии учествуваа во неговото изготвување, сите заедници и институции. Документот ги опфаќа најголемите економски, политички, социјални и еколошки предизвици со кои се соочуваме. Не е  работен во странство, туку го изготивја наши институции со домашни експерти. За да се опфатат сите области, беа направени 24 тематски студии, се одржаа 50 работилници, учествуваа 60 пратеници, процесот ја имаше поддршката на сите пратенички групи“, подвлече Ковачевски.