ВМРО-ДПМНЕ бара оставки по снимките од битолската болница

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара остака од директорката на битолската болница Билјана Гагачовска, министерот за здравство, Венко Филипче и премиерот Зоран Заев по фотографиите од битолската болница на кои се гледа како пациент прима инфузиска терапија легнат во просторија со починати, но и снимките кои ја прикажуваат состојбата во здравствената установа.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски оцени дека во македонските болници владее целосен хаос и безредие, а власта мочи пред реалната слика. Стоилковски на прес-конференцијата сподели видео од болницата.

„Снимката на социјалните мрежи од битолската болница, во која владее хаос, безредие и нехумани и недостојни услови за престој, повторно посведочија пред јавноста“, рече Стоилковски, коментирајќи го видеото.

„Овој ужас од фотографиите се обидуваат да го сокријат, да не се види нечовечноста и нехуманоста во болниците на смртта, да мине без реакција и одговорност за тоа што го посведочи цела македонска јавност, во иста просторија со четири кревети, на два од нив има мртви тела, на починати пациенти, додека на други два пациенти им се дава инфузиска терапија. Битолската болница на смртта е објект во кој што пациентите се омаловажени, треба да користат санитарни јазли како да се во севернокорејски затвор, а не во болница во Европа“, изјави Стоилкосвки.