ВЛЕН: 25 години по Рамковниот договор од Охрид, еднаквоста станува закон, развојот зема замав, европскиот пат се зајакнува

По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор, ВЛЕН организираше низа панели и активности посветени на децентрализацијата, локалниот развој, еднаквоста и европската перспектива на Северна Македонија.

На активностите учествуваа копретседателите на ВЛЕН, Изет Меџити и Билал Касами, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, како и министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати.

Од ВЛЕН оценуваат дека 25 години по потпишувањето, принципите на Охридскиот договор постепено се преточуваат во законски решенија, институционални механизми и конкретни развојни проекти.

Како пример ја посочуваат правичната и соодветната застапеност, која, според партијата, се институционализира преку законски решенија. Во исто време, децентрализацијата ја поврзуваат со поголемо финансирање и инвестиции во општините.

Од ВЛЕН наведуваат дека повеќе од 250 милиони евра се насочени кон локални проекти, додека инвестициите во Коридорот VIII и автопатската делница Скопје–Блаце, според нив, треба дополнително да ја зајакнат инфраструктурната поврзаност на земјата со Косово, Албанија и пошироко со европскиот пазар.

Во соопштението се издвојуваат и инвестициите во образованието, меѓу кои околу 42 милиони евра за новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и поддршката за развојот и афирмацијата на албанската култура.

Од ВЛЕН порачуваат дека годишнината од Охридскиот договор треба да биде потсетник дека неговите принципи не се само дел од политичката историја на земјата, туку и обврска за нејзиниот иден развој.

„Еднаквоста треба да биде загарантирана со закон, развојот да се почувствува во општините, а европскиот пат да се зајакнува“, е пораката на ВЛЕН.