Влатко Стефановски во друштво со елитата на светскиот филм и театар

На 29 јануари оваа година, нашиот Влатко Стефановски ја имаше честа да настапи на хуманитарен концерт по повод 80-тиот роденден на големата британска актерка Ванеса Редгрејв (Vanessa Redgrave). Овој настап е на покана од нивниот долгогодишен заеднички пријател Раде Шербеџија. Оскаровката Ванеса Редгрејв е познат активист, хуманираец и пред се голем актер. Во својата долга театарска и филмска кариера има настапувано рамо до рамо со најголемите светски актерски имиња. Таа на својот роденден, во Ројал Корт театарот (Royal Court Theatre) на едно место ја собра британската уметничка елита а меѓу нив и Влатко Стефановски кој со својот настап заедно со Раде Шербеџија а потоа и со една соло изведба ги воодушевил присутните.

- Ми беше големо задоволство и чест да настапам на хуманитарниот настан по повод 80 роденден на големата филмска дива Ванеса Редгрејв. На прославата се собра кремот на британскиот театар и филм, кој се натпреваруваше во оддавање почит кон нејзината уметничка и хуманитарна работа и кон нејзиниот опус и живот. Мојот настап и настапот со Раде Шербеџија беа наградени со стоечки овации. Гала во вистинска смисла на зборот, вели Стефановски.

Честитки за нејзиниот роденден преку видео бим пристигнале од Мерил Стрип (Meryl Streep), Дастин Хофман (Dustin Hoffman), Анет Бенинг (Annette Bening) и многу други а меѓу присутните таа вечер биле и Франко Неро (Franco Nero), Лајам Нисон (Liam Neeson), Ралф Фајнс (Ralph Fiennes), Бенедикт Кумбербеч (Benedict Cumberbatch), Бјанка Џегер (Bianca Jagger) и многу други. Актерката Ванеса Редгрејв и покрај нејзината прифесија е позната по тоа што не сака многу да се експонира во јавност, но затоа како спомен од овој голем настан на Влатко Стефановски ќе му останат дружењето и фотографиите со многу познати личности. Му посакуваме на Влатко уште многу вакви настапи и дружби.